Актер Џорџ Клуни, кој органзиира собирање средства за Демократската партија во Холивуд, во средата изјави дека американскиот претседател Џо Бајден не е истата личност која ја освои Белата куќа во 2020 година и треба да се повлече од трката за нов претседателски мандат.
Клуни беше домаќин на донаторскиот собир во Лос Анџелес во јуни, две седмици пред катастрофалниот настап на 81-годишниот претседател во телевизиската дебата со републиканскиот кандидат Доналд Трамп.
„Страшно е тоа да се каже, но Џо Бајден со кој бев пред три седмици на собирањето средства не е Џо ‘фацата’ Бајден од 2010 година. Тој не беше ниту Џо Бајден од 2020 година. Тој беше истиот човек што го видовме на дебатата“, напиша Клуни во The New York Times
„Дали беше уморен? Да. Дали беше настинат? Можеби. Но нашите партиски лидери треба да престанат да ни кажуваат дека 51 милион луѓе не го виделе тоа што го видел”, додава Клуни.
Во последователното интервју со новинарот на телевизиската мрежа ABC News, Џорџ Стефанопулос, Клуни се надоврза „само го потврди она што го видовме една седмица порано“.
Актерот, кој се опиша себеси како убеден демократ, напиша: „Нема да победиме во ноември со овој претседател. Освен тоа, нема да го освоиме Домот и ќе го изгубиме Сенатот“.
„Ова не е само мое мислење, ова е мислењето на секој сенатор, конгресмен и гувернер со кој сум разговарал приватно. Секој, без разлика што јавно тврди“, пишува уште Клуни.
Бајден и натаму ги уверува сопартијците и јавноста дека имал „лоша ноќ“ во текот на дебатата, но вети дека ќе остане во претседателската трка.
Клуни изрази восхит кон Бајден и рече дека го смета за пријател.
„Верувам во него. Верувам во неговиот карактер. Верувам во неговиот морал. Во изминатите четири години тој победи во многу битки со кои се соочи. Но, битката што не може да ја добие е битка против времето“, напиша Клуни.