Повредени се двајца вработени од Територијалната противпожарна единица во Штип при вчерашното гаснење на пожарот кај старата штипска депонија меѓу населбите Пребег и Мерите, информираат од Општина Штип. Претходно беше повреден командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ)-Штип Благој Ренџов при вчерашното гаснење на пожарот на старата депонија меѓу штипските населби Пребег и Мерите, кој при интервенцијата се здоби со скршеници на двете раце.
Синоќа заедно со него во болницата е хоспитализиран уште еден штипски пожарникар, кој бил заедно со командирот на ТППЕ-Штип при гаснењето на пожарот.
Двајцата додека го гаселе огнот паднале во дол.
По падот командирот на ТППЕ-Штип Ренџов се здобил со скршеници на двете раце, а пожарникарот има скршеница на едната рака.
Во штипска Клиничка болница се хоспитализирани синоќа околу 20.30 часот, а командирот на ТППЕ-Штип е задржан на болничко лекување, откако претходно и бил опериран. Инаку за него пожарникарите велат дека во изминатите речиси две недели заедно со нив ги гаснеше пожарите на планината Серта и во штипскиот и неготинскиот дел, не штедејќи се за да се стават пожарите под контрола на неколку локации.