Турција ланскиот октомври ја блокирала соработката меѓу НАТО и Израел поради израелската војна во палестинската енклава Појасот Газа, сметајќи дека Алијансата не би требало да соработува со еврејската држава како партнер додека конфликтот не запре, изјавиле за Reuters извори запознаени со текот на настаните.
Израел има статус на партнер на НАТО и неговите блиски односи со северноатлантскиот воен блок и особено сојузнички врски со одредени земји членки, особено со покровителот на блокот – Соединетите држави.
Пред почетокот на израелската офанзива во Појасот Газа, како одговор на нападот без преседан од палестинските исламистички групи во јужен Израел, Турција како членка на НАТО започна да работи на тоа да ги поправи своите долго тензични односи со некогашниот најблизок сојузник Израел прекинати во 2010 година со нападот на израелските војници врз брод на турска хуманитарна организација како дел од флотила која имаше цел да пренесе продукти во Појасот Газа, која е со децении сеопфатно блокирана од Израел. Тогаш беа убиени десет турски активисти, од кои тројца беа и американски државјани.
По почетокот на тековната израелска операција во Појасот Газа, Турција ги критикуваше и бројните сојузнички во НАТО поради политичката и воена поддршка на Израел.
Извор кој сакал да остане анонимен открива за Reuters дека Турција ставила вето на целиот ангажман на НАТО со Израел од октомври, вклучително и заеднички состаноци на високо позиционирани функционери и воени команданти и воени маневри, бидејќи израелскиот масакр врз Палестинците во Газа, Анкара го смета за кршење на темелните принципи на НАТО.
Во понеделникот израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац ги повика НАТО да ја исфрли од членството Турција, која е најголемата по САД воена сила на блокот, по контроверзната изјава на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
„Во контекстот на опасната реторика на турскиот претседател Ердоган и заканите за напад на Израел, министерот за надворешни работи Израел Кац им наложи на дипломатите…итно да контактираат со сите членки на НАТО, повикувајќи на осуда од Турција и барање нејзино исфрлање од алијансата“, соопшти Министерството за надворешни работи на Израел.
Ердоган во неделата рече дека Турција може да влезе во Израел за да им помогне на Палестинците, како што тоа своевремено го стори во Либија и Нагорно-Карабах, спорната ерменска енклава во Азербејџан.
„Мораме да бидеме многу силни за Израел (во) Палестина да не може да го направи она што моментално го прави (…) Токму како што влеговме во Карабах и Либија, би можеле да им направиме нешто слично и ним“, рече турскиот претседател на митингот на владејачката партија Партија на правото и развојот (AKP) во црноморскиот град Ризе во говорот што го пренесуваа телевизиските станици.
Турскиот претседател не прецизираше каква интервенција има предвид, а претставниците на неговата партија не одговорија на прашања за поединости од неговата изјава.