Претседателот на Владата Христијан Мицкоски и претседателот на ЗЕЛС, денес потпишаа меморандум за соработка и разбирање. Документот кои единиците на локална самоуправа чекаа да се потпише 21 година, ги дефинира формите и начините на идната соработка и ги утврдува приоритетите и идните проекции на развојот на системот на локалната самоуправа.
-Од името на ЗЕЛС и сите единици на локалната самоуправа, сакам да изразам длабока благодарност до претседател на Владата Христијан Мицкоски за подадената рака и за неговата решеност да го исполни даденото ветување. Со потпишувањето на овој Меморандум, го отвораме новото поглавје во односите помеѓу локалната и централната власт, чекор кој го чекавме цели 21 година. Овој Меморандум е израз на новата посветеност и решителност да се одговори на долгогодишните предизвици кои стојат пред нашите општини.
Владата и ЗЕЛС заеднички ја изразуваат својата согласност и определба да спроведат поголем обем на децентрализација на власта. Ова е политички процес кој треба да донесе пренесување на значајни надлежности од државните органи на управата на единиците на локалната самоуправа, кои со тоа ќе добијат засилена одговорност и независност во своето функционирање. Во текот на овој процес, ќе формираме работни тела и мешовити Комисии што ќе ни овозможи да примениме најдобри меѓународни практики за локална самоуправа и да осигуриме дека нашиот систем функционира успешно и ефикасно.
Согласни сме дека децентрализацијата мора да биде проследена со зголемен обем на директни дотации и изворни приходи за секоја единица на локалната самоуправа. За да обезбедиме транспарентност и одржливост, ќе организираме годишни буџетски преговори помеѓу ЗЕЛС и Министерството за финансии, каде ќе ги усогласиме ставовите, потребите и можностите на централната и локалната власт.
Исто така, се договоривме да воспоставиме пракса на редовни заеднички седници на Владата и Управниот одбор на ЗЕЛС, на кои ќе вршиме консултации за прогресот и тековните приоритетни прашања. На овој начин, ќе можеме поефективно да ги адресираме предизвиците со кои се соочуваат нашите општини. Сумарно, сметам дека денес потпишаниот Меморандум е почеток на една успешната соработка и на позитивните промени за нашите општини и за сите граѓани на Република Македонија-истакна Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски.