Мицкоски: Невладеењето на правото и криминалот се безбедносен проблем и ние како Влада мора да реагираме

Имавме средба со претседателката на Судскиот Совет на нивно барање. Вие знаете дека ние излеговме со став веднаш по формирањето на Владата дека се потребни коренити реформи во делот на правосудството, но не го мислиме само ние тоа, го мислат и граѓаните, бидејќи според сите мерења на јавното мислење, довербата која што граѓаните ја имаат во правосудните органи е катастрофално ниска, рече во воведното обраќање Мицкоски.

„Ако немате правна држава, ако немате владеење на правото, ако немате обвинители и судии кои што обвинуваат по закон и Устав, тогаш ќе немате ниту економска безбедност, а кога ќе немате економска безбедност ќе немате ни економска активност, а кога ќе немате економска активност, ќе нема буџетот приходи онолку колку што тие приходи се потребни, за да имаме развој, а ако немате развој, тогаш ќе немате среќни граѓани и компании и нормално е тие да се разочараат и да ја напуштаат Македонија. Тоа е суштината на целиот овој систем. Ние се ќе направиме да ја донесеме правдата. Не смее да има граѓани од прв ред, не смее да има граѓани од втор ред, малкумина од прв ред кои што се заштитени, не смее да има елита туку мора да се сите подеднакви пред законите и уставот. Тоа го потенцирав на самата средба, која што ќе повторам по нивно барање, за да слушнеме кои се нивните предлози. Впрочем ние имавме повик и до експертската јавност и до институциите да дојдат да достават предлози како заеднички да го реформираме правосудниот систем. Ние си стоиме на нашиот став, на нашата програма, но сакаме да слушнеме. Доколку добиеме подобри идеи, се разбира дека тие идеи и ќе ги примениме, тука не треба да има никаква тајна“, истакна Мицкоски.

Додаде дека доколку нема владеење на право, ако отсуствува правната држава, ако има високо ниво на криминал и корупција, тоа е безбедносен проблем.

„Тоа не сум го кажал само јас како политичар, тоа го кажале многу поискусни политичари од мене.Ние како Влада по Устав и по закон имаме основна задача да ги заштитиме државата и граѓаните, доколку се појави безбедносен проблем. За нас невладеењето на правото, криминалот, перцепцијата за корупција, елитите, се безбедносен проблем за нашата држава. И ние како Влада мораме да реагираме. Ова е период кој ќе го поминеме во собирање на предлози, на идеи, и потоа ќе излеземе пред јавноста со конечна позиција, за тоа како ги гледаме реформите. Нормално, повторно ќе кажам, ние си стоиме на нашиот став за распуштање на тие институции за кои што зборуваме за целиот овој период. Не очекуваме брзи резултати, но очекуваме напредок со кој што ќе го превенираме овој безбедносен проблем кој што ни се случува поради тоа што немаме владеење на право, а имаме висок степен на криминал и корупција“, потенцираше премиерот.

Тоа беше отприлика денешната средба и тоа беа размислувањата кои што беа разменети со преставниците на Судскиот совет, додаде Мицкоски.