Ние како Влада не можеме да влеземе во наивен процес каде ние само ќе правиме отстапки без притоа да имаме јасна гаранција дека како држава ќе бидеме дел од европското семејство. Бидејќи никој ништо не може да ни гарантира не можеме да бидеме толкави оптимисти како што би сакале да бидеме и затоа овие два процеси кон полноправно членство во ЕУ и завршување на домашната задача ќе ги водиме паралелно, но подготвени сме за разговори, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
-Од она што можам да го слушнам и од она што можам да сведочам од тие разговори е дека кај одредени постои интерес за придвижување на регионот кон ЕУ. Тука нема никаква дилема и дека дел од тој регион сме и ние како држава. Нашата стратешка цел останува полноправно членство во ЕУ. Сите оние регионални иницијативи како што е Берлинскиот процес, ЦЕФТА и сл. ние ги поддржуваме бидејќи во рамките на истите цениме дека полесно можеме да ги артикулираме нашите ставови и треба да бидеме прецизни во тоа, но нашата главна стратешка цел е полноправно членство во ЕУ, нешто што го заслуживме многу одамна. Ќе ве потсетам, повеќе од две и пол децении откако го потпишавме Договорот за стабилизација и асоцијација, речиси две децении откако сме кандидати, повеќе од 15-ина години откако добивме позитивен извештај за почнување на преговорите, но поради причини коишто веќе им се познати на македонските граѓани не сме во можност да го придвижиме овој процес. Ние како Влада не можеме да влеземе во наивен процес каде што ние само ќе правиме отстапки без притоа да имаме јасна гаранција дека како држава ќе бидеме дел од европското семејство, рече Мицкоски на новинарско прашање дали на средбите со со европски функционери разговарал за намерата за усвојување на уставни измени со одложено дејство, и дали има некаква поддршка за тоа.
Тој нагласи дека уставни измени со одложено дејство се можно решение ако има гаранции за полноправно членство во ЕУ.
-Еден од можните решенија е ова вие што го напоменавте, но и тоа е условено под услов да имаме јасна гаранција за полноправно членство во рамките на ЕУ и тоа да биде во рамките на оние ветувања што ги даваа во 2018 година дека максимум ќе трае четири до пет години, а ние како Влада ќе дадеме се од себе тие преговори да ги реализираме. Но, од она што можам во моментот да го видам, а и што го слушаме дека никој ништо не може да ни гарантира. Бидејќи никој ништо не може да ни гарантира не можеме ни ние да бидеме толкави оптимисти како што би сакале да бидеме и затоа овие два процеси кон полноправно членство во ЕУ и завршување на домашната задача ќе ги водиме паралелно, ќе бидеме фокусирани и на едниот и на другиот, ќе посветиме поголемо внимание на оној процес што зависи само од нас, а тоа е завршување на домашната задача. Доколку се појави двосмерна улица од другата ние сме тука, подготвени сме да разговараме, така што еве да оставиме да и двете страни, а не е доволно само едната да сака, потенцира Мицкоски по присуството на првиот училиштен час заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска во ООУ „Стив Наумов“ во Општина Гази Баба.
Премиерот Мицкоски потврди дека Владата ќе реагира во однос на укинувањето на Центарот за македонскиот јазик во Лерин со давање логистичка поддршка, но вели, нема да дозволат да бидат вовлечени од страна на соседна Грција во нивната внатрешна политичка расправа.
-Апсолутно. Тоа е уште еден показател дека од добрососедството само нашата страна се грижи. Но, тоа нас нема да не обесхрабри. Јас сум свесен дека таму се потребни провокации за да ние, исто така, изреагираме реципрочно и да ние направиме нешто кое што нема никаква врска со нашите интереси, односно остварување на втората наша цел, а тоа е полноправно членство во ЕУ. Уште еднаш нашите партнери од ЕУ можат да сведочат на непочитување на договореното од страна на нашите соседи иако јас сум свесен дека тие ќе се вадат, дека тоа е судска одлука итн. Но, нашинците ја имаат нашата поддршка и ќе ги поддржиме во барање на нивното право. Ние како политичари можеме да дадеме логистика, тука е Европскиот суд за човекови права итн., така што тие ќе ја имаат апсолутно нашата поддршка. Ние нема да реагираме како во минатото. Ние сме свесни дека се ќе дадат нашите соседи да не вовлечат во нивната внатрешна политичка расправа и ќе ја направат Македонија како тема, но ние сме одговорни, зрели и ние нема да дозволиме. Имаме наша цел, имаме наш интерес и одиме кон реализирање на истата, рече премиерот Мицкоски.
Апелацискиот суд во Кожани, Грција, деновиве донел одлука со која се поништува регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Лерин. Активистите на Центарот најавија дека ќе ги искористат сите правни средства и оти ќе се жалат до грчкиот Врховен суд и до Судот за човекови права во Стразбур.
Центарот за македонски јазик во Грција е формиран 2022 година како невладина организација/здружение со одобрение од грчкиот суд, со што стана првата организација, која директно се грижи за македонскиот јазик, која што е регистрирана и призната како таква од грчките државни органи. Лани, во март, Основниот суд во Лерин, во две посебни одлуки, официјално одби повеќе барања/тужби за поништување на првичната одлука за одобрување на барањето за неговата регистрација.