Во пресрет на репрезентативната пауза, односно натпреварувањето во Лигата на нациите, редно е да се отвори прашањето – До каде сме со развојот на фудбалот како спорт во Македонија?
Веќе подолг период ФФМ како носител на фудбалот во Македонија, благоречено од експертската јавност – хибернира, стагнира или уназадува, односно служи за политички влијанија, сомнителни бизнис зделки, а од неодамна и служи за потсмев на социјалните мрежи, откако кружеа невкусни слики од првиот човек на федерацијата Муамед Сејдини, кој инаку важи за близок до ДУИ. Веќе одамна можеме да разговараме отворено дека политиката има замешано прсти во она што треба да биде принцип на неполитичка гранка, која како спорт обединува, а не разделува по политички основи.
Како и се’ останато во државава, што фати ДУИ – исуши, па така изгледа и во делот на фудбалот. Македонската репрезентација не била никогаш потензична во меѓусебните односи, а развојот на фудбалските школи никогаш не бил полош, практично и да не постои. Жално е што после толку години, после успех на репрезентативен пласман на Европско првенство, клубски пласман на ФК Вардар во европските натпреварувања и многу други успешни приказни на поединци во големите клубови, ние сеуште дискутираме за политика, за раздор во ФФМ помеѓу одредени играчи и управа и слични нус појави.
Каков ли пример оставаат овие случувања кон идните генерации?
Впрочем, каде треба да се развиваат идните генерации, може да сe види од фотографиите, каде што фудбалски терени финансирани од ФФМ на кои треба да се калат идните големи фудбалски имиња, можете да се забележи всушност дека тие терени и услови личат на змијарници, а не за развој на фудбалски великани. Патем и овие фотографии не’ поттикнаа да ја направиме оваа анализа и да се замислиме сите заедно каде оди развојот на фудбалот.
Со вакви услови, не можеме да бидеме ниту последни, напротив, да знае УЕФА за што финансира и како се користат парите за развој на фудбалот во Македонија, веруваме дека ќе ни ги прекинат финансирањата.
Она што е многу потрагично е дека овие игралишта, овие соблекувални, кои се наоѓаат во Велес и во селото Кравари (соблекувалните), според инсајдери во федерацијата и познавачи на работите чинат можеби и половина милион евра пари финансирани од УЕФА за развој, каде што фудбалскиот терен кој личи на змијарник можеби и над 400.000 евра, а соблекувалните во село Кравари близу 50.000 евра.
Несфатливо е за спортската јавност како се потрошени толкава сума на пари најпрвин за напуштени и неодржувани објекти на ФФМ, практично пари од УЕФА фрлени во ветер, а она што е уште понесфатливо е, дали овие објекти вредат за сумите кои се споменуваат од инсајдерските информации? По се останато, информациите говорат дека фирми блиски до првиот човек на ФФМ Муамед Сејдини ги изработиле овие проекти, фирми чии челни лица се активно вклучени во работата на ФФМ, а проекти кои чинат многу помалку од доделените средства, за оттука да се покрене прашањето – Дали некој перел пари во ФФМ кои биле финансирани од УЕФА и дали тие пари завршувале во нечии џебови во актуелното раководство на ФФМ?
Имињата на фирмите и одговорните лица во фирмите кои биле дел од актуелното раководство на ФФМ ни ветија дека ќе ни ги испратат дополнително, но доколку ФФМ има малку доблест кон поддржувачката јавност на фудбалот во Македонија изминативе години, треба да ги објасни овие работи, јавно обзнани или можеби демантира доколку не се вакви фактичките состојби.
И повторно прашањето е истото – до каде е развојот на фудбалот во Македонија и како да мотивираме млади генерации фудбалери да се вложат повеќе од 100% да успеат кога го гледаат овој трул систем на политика и скандали кој се провлекува и во ФФМ?
Инаку, Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, беше осомничен за делење предизборен поткуп во Кичево, во корист на партија на власт, напоследните парлментарни избори.
Настанот тогаш беше пријавен во полиција.
„На 7 мај 2024 во 15:10 часот на телефонскиот број 192 добиена е анонимна пријава дека на ул.Раштански пат, ул.Партизански одреди и Влашки пат во Кичево од страна на непознати лица со возила „мерцедес”, „опел мерива” и „ауди” се нуди поткуп од политичка партија. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти тогаш МВР.