Новоименуваниот бугарски амбасадор во Македонија, Жељазко Радуков, попладнево одби да ја прими протестната нота од Скопје. По инцидентот со македонското знаме во Софија, тој денеска во Министерството за надворешни работи беше повикан и од него било побарано извинување, но Радуков одбил да го земе демаршот од Скопје.
– Беше изразена загриженост поради отстапувањето од договорениот протокол за фотографирањето на двајцата претседатели, при што дополнително беше побарано објаснување од бугарска страна, рекоа од МНР.
Во разговорот со бугарскиот амбасадор било потенцирано дека средбата и заедничкиот ручек на двајцата претседатели, Гордана Сиљановска Давкова и Румен Радев, поминала во пријателска атмосфера
Според извори од МНР, пред средбата во Софија, сè било договорено меѓу кабинетите на претседателите и македонската амбасада во Софија, биле утврдени деталите за фотографирање, но само во работниот дел од канцеларијата на бугарскиот претседател. Велат дека бугарската страна отстапила од договореното. Откриваат и дека за време на работниот ручек меѓу делегациите, стоело и македонското знаме. Според некои извори, македонската Влада била свесна за ризиците од средбата, но таа била гест на добра волја. На прашање – зошто веднаш не се реагирало, туку откако се крена македонската јавност, објаснувањето е дека македонската делегација имала обзири, затоа што само неколку часа претходно се случи авионска несреќа во која загинаа двајца пилоти на бугарското воено воздухопловство, објави телевизија 24.
Реагираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека Бугарија сака да покаже „мускули“.
– Тогаш кога ќе се помине Рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира, зошто вие ако не реагирате тој исклучок потоа ќе стане пракса. Но, она што е поважно за мене е што Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, а тоа го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија. – рече Мицкоски.
Додека Скопје реагира, Софија со ладнокрвен одговор. Порача дека посетата на Давкова ниту била државна, ниту работна и дека ќе ја пречекаат Сиљановска-Давкова со државно знаме кога ќе отиде во официјална државна посета.
Претходно и советникот на Радев, го коментираше случајот за отсуството на македонското знаме и праша – ако некој државник од соседна држава дојде да пие кафе во Бугарија, дали треба да се стават знамиња во кафулето.