Милан славеше во „дерби дела Мадонина“

Во едно од најголемите дербија на италијанскиот фудбал, „дерби дела Мадонина“, Милан како гостин го победи Интер со 2:1. „Росонерите“ на тој начин ја прекинаа серијата од шест последователни порази во градското дерби.

Милан поведе во 10. минута со голот на Кристијан Пулишик по одличен продор на американскиот репрезентативец. Пулишик му ја „украде“ топката на Михктарјан, а потоа се втурна низ „срцето“ на домашната одбрана погодувајќи за 1:0. Домашните возвратија во 27. минута со прекрасниот гол на Федерико Димарко на асистенција на Лаутаро Мартинез.

„Росонерите“ можеа да дојдат до нова предност веќе во првата минута од продолжението на дуелот, Рафаел Леао шутираше со глава но Јан Зомер одлично одбрани. Во 65. минута судијата Маурицио Маријани досуди пенал за гостите за играње со рака, но по видео-проверката ја смени одлуката.

Победата за Милан ја донесе Матео Габија во 89. минута со глава по центаршутот на Тијани Рајндерс.

Хрватскиот фудбалски стручњак Иван Јуриќ стартуваше на клупата на Рома со убедливи 3:0 против Удинезе во петтото коло од Серија А. Тоа е прва победа за Рома оваа сезона, откако римскиот клуб забележа три нерешени и пораз во првите четири кола. Јуриќ ја презеде Рома пред четири дена, откако Даниеле Де Роси доби отказ по лошиот почеток на сезоната. Конфузијата во клубот беше комплетирана со оставката на извршната директорка Лина Солуку и бојкотот на навивачите во првите 30 минути од натпреварот.

„Кој ја сака Рома, доцни половина час“, пишуваше на еден од транспарентите пред натпреварот. Дел од навивачите пристигнаа на трибините, но молчеа од првата минута.

Сплитскиот стручњак немаше многу време да го состави тимот, но одлично се снајде во воведниот настап. Удинезе во Рим пристигна непоразен и со 10 освоени бода во првите четири кола. Сепак, домаќинот сосема заслужено славеше. Рома поведе во 19. минута со голот на Артем Довбик, на 2:0 зголеми Пауло Дибала од пенал во 49. минута, а Томазо Балданзи во 70. минута ги постави конечните 3:0.

Во претходниот натпревар Болоња на гости ја победи Монца со 2:1, со што ја оствари и првата победа сезонава. Гостите поведоа во 24. минута со голот на Кацпер Урбански, израмни Милан Ѓириќ во 43. минута, а победата на Болоња и донесе Сантијаго Кастро со голот во 80. минута.

Фиорентина со пресврт дојде до победа од 2:1 против Лацио, исто така, победувајќи првпат оваа сезона. Гостите поведоа во 41. минута со голот на Марио Гила, а израмни Алберт Гудмундсон од пенал во 49. минута. Победата на домашните им ја донесе Гудмундсон со вториот гол од пенал во 90. минута.

Аталанта и Комо го затвораат колото во понеделник.

Торино води со 11 бодови, а Наполи и Удинезе имаат по 10 бодови. Интер е шести со осум бодови, исто колку и Милан на седмата позиција.