Гризман објави крај на репрезентативната кариера

Заменик-капитенот на француската фудбалска репрезентација и светски шампион од 2018 година, 33-годишниот Антоан Гризман, го објави своето повлекување од националниот тим во понеделник на својот X профил .

„Со срце полно со спомени, го затворам ова поглавје од мојот живот. Ви благодариме за оваа прекрасна тробојка авантура и се гледаме наскоро“, напиша „Гризи“ кој одигра 137 натпревари за француската репрезентација и постигна 44 гола.

Само Оливие Жиру, Тиери Анри и Килијан Мбапе постигнаа повеќе голови за Франција од него.

Играчот од средниот ред на Атлетико Мадрид играше со Франција и во финалето на Евро 2016 и Светското првенство 2022 година и ја освои Лигата на нациите на УЕФА 2020/2021 година.

Селекторот на француската репрезентација Дидие Дешан во четврток ќе го објави списокот со играчи за претстојните натпревари од Лигата на нации против Израел и Белгија, а на него ќе го нема Антоан Гризман.