Гнилотo јадро на нашиот политички систем

Изминаа 100-те дена на новата влада. Стварно, зарем некој реално очекуваше дека за 100 дена ќе се смени државата и ќе излезе од ќорсокакот во кој не’ втурна власта на СДС во последниве седум години? Дека магично ќе исчезне договорот од Преспа и променетото име на државата, или договорот за добрососедство со Бугарија, корупцијата, клиентелизмот, партиската и меѓуетничка поларизација во општеството? Зарем некој сериозно мислеше дека во 100тте дена новата влада ќе  направи чудо и ќе успее да ги амортизира последиците од седумте промашени години владеење со македонската држава и нејзиното безочно распродавање и обезличување?

Признавам дека ме забавува срамниот изнасилен цинизам на опозицијата и нивните „критички“ медиуми во коментарите за постигнувањатато на новата власт во 100-те дена владеење со пропаднатата држава, која им ја оставија во наследство. Нормално нема да прашаат како и кога Македонија се претвори во држава без иднина и се лизна во нејзината сегашна ера на раздор? Нема да прашаат зашто ни пропадна довербата во институциите и зошто демократијата беше погазена во име на распродавање на државните атрибути? Гледам не се прашуваат како дојдовме до тука како држава и кој е виновен за тоа?

Верувале или не, овие прашања не е тешко да се одговорат. Оние безмалку 600.000 гласачи го знаат одговорот. Само тие не.

За време на претходната власт не го криев својот страв за иднината на оваа држава во пост Заевата ера. Знаев тогаш, а денес, со промената на власта, ми се потврди дека поткопувањето на основните демократски институции од страна на поранешната власт оди подлабоко отколку што тоа го сфаќаат обичните граѓани. Соочени со години на сервилност, кукавичлук, цинизам, кратковидост, нарцизам, антиинтелектуализам и неспособност каде што главниот мотив беше потрагата по моќ и личен интерес, друго не можеше да се очекува од таквата политика на Заев и неговите марионети. Ништо повеќе освен гниење на системот. Дури и најдобрите влади не можат да донесат промени во расипан и загноен систем, без оглед на  итната молба за реформи која ја испратија граѓаните на изборите. Во земја каде што потрагата по „заедничка основа“ е сè понеостварлива, многу Македонци можат да се согласат за тоа дека политичкиот систем е скршен и дека не ги претставува. Тие не грешат. Претходната власт покажа на екстремен начин што се случува кога демократијата ќе престане да функционира како што треба и како владеење засновано на лаги и искривувања на вистината може да ги поткопа основите на кои е положен легимитетот на државноста. На тој начин вака креираниот политичкиот систем ја хранеше фрустрацијата и незадоволството поради неговата неспособност да одговори на потребите на јавноста. Неуспехот имаше повеќекратна димензија, вклучително и колапс на довербата во институциите. Дијагнозите се толку различни, влоговите толку последователни и емоциите толку сурови што значајниот договор за тоа како да се оди напред (и што дури значи „напред“) тешко е да се замисли. Затоа и не барам брзи одговори од новата власт. Важно е дека Македонија успеа да се ослободи од својот политички сериски малиген насилник и конечно има шанса да започне долг процес на заздравување од колективната траума.

Македонија денес е соочена и со опасноста за својот опстанок. До таму стигнаве со „храбрите одлуки“ на претходната власт. Кај и да се чепне, сегде е труло! Сакаш надворешна политика, здравство, образование, економија, правосудство… и што уште не. Да не ја спомнувам корупцијата, финансиската недисциплина и директната кражба на јавните пари, кои рапидно се зголемија генерирајќи сиромаштија во македонското општество, вградувајќи се во политичкиот и административниот систем како канцер, кој немилосрдно го разјадува. Целиот систем е скапан до срж, од горе надолу, а народот бара брзи реформи. Токму ова е опасно и претставува реална закана за новата власт соочена со расипан систем, а тоа е инстинктот на владата да го направи токму она што може да влоши работите: дополнително да ја централизира моќта и дополнително да ги заобиколи контролните механизми на извршната власт. Тоа е токсичен циклус во кој власта не сака и не смее да влезе. И, секако мора под итно да ги искорени скапаните дрвја на македонската политика, ако сакаме во иднина да имаме здрави демократски плодови. Во процесот на обнова на државата мора да се разоткрива гнилото јадро на политиката.

Се прашувам: дали е можно да се смени скапан политички систем без да се извалкаат рацете? Секако не. Новата власт мора да биде свесна дека некои од предложените политички реформи се со ризик од несакани последици, но без нив нема да биде можно зачувување и продолжување на постоењето на македонската нација и држава и спречување на непосредна општествена катастрофа во која сме втурнати како држава. Тоа е цената на заздравување на државата и бегство од амбисот кон кој се движиме. Во овој процес нема место за сомнеж, страв и нерешетелност. Зашто цената нема да ја плати само власта, ќе ја плати целиот народ. Поточно, Македонија. Ако Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ сака да биде сериозно сфатена во своето ветување дека ќе испорача промени, тогаш очекуваме да видиме како се преземаат решителни дејствија за да се стави крај на еден режим кој безмилосно ја уништуваше Македонија, нејзината историја, идентитет и култура. Само така и никако поинаку Македонија ќе се врати на вистинската траекторија.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес