Американскиот заменик-секретар за финансии Воли Адејемо ќе отпатува во Лондон од 13 до 15 октомври на разговори со високи британски претставници за дополнителни санкции против Русија и употребата на запленетите руски средства, објави во петокот американското Министерство за финансии.
Адејемо ќе се сретне со британскиот советник за национална безбедност Тим Бароу, гувернерот на британската централна банка Bank of England, Ендрју Бејлим и државниот министер Стивен Даути, се вели во соопштението.
Во текот на патувањето, Адејемо ќе ги нагласи блиските односи меѓу САД и Велика Британија и координацијата на двете земји за геополитичките предизвици, вклучително и силната поддршка за Украина додека таа продолжува да се бори против руската инвазија.
Ќе разговараат и за заедничките активности за искористување на економската вредност на околу 300 милијарди долари руски државен имот, кои беа запленети од Западот по инвазијата на Русија во Украина на крајот од февруари 2022 година.
„Заменикот Адејемо ќе разговара и за натамошно зајакнување на санкциите против Русија“, соопшти Министерството за финансии, додавајќи дека ќе разговараат и за начините за прекин на финансиските текови што ги овозможуваат активностите на Иран и неговите сојузници.
Тоа ќе биде прва посета на висок функционер на американското Министерство за финансии на Велика Британија откако Кир Стармер дојде на власт во јули, иако американскиот министер за финансии Џенет Јелен се сретна со неговата нова министерка за финансии Рејчел Ривс во јули на маргините на група финансиски службеници во Бразил.