Серија А: Кикс на Јувентус, победа на Аталанта, голем пресврт на Венеција

Фудбалерите на Јувентус останаа без три домашни бода, откако во средата во рамките на 10. коло од италијанската Серија А одиграа 2:2 против Парма.

Публиката во Торино беше шокирана уште во третата минута, кога Парма поведе со голот на Делпрато по една многу убава акција, каде нивните играчи комбинираа со глави. Јувентус израмни во 31. минута, стрелец беше Мекени, но домашниот тим за кратко се радуваше на израмнувањето. Сом погоди во 38. минута за второ водство на Парма на натпреварот.

Јувентус од пораз го спасија американските фудбалери, па по Мекени кон стрелците се приклучи и Веа кој во 49. минута погоди за 2:2. И двата тима до крајот на дуелот можеа да дојдат до победата, но бројните шанси останаа неискористени и заврши со поделба на бодовите.

Аталанта ја совлада Монца со 2:0 во Бергамо и го прескокна Јувентус на табелата и сега е трета. На Аталанта не ѝ беше лесно да го скрши противникот, головите беа постигнати во последната фаза од натпреварот а стрелци беа Самарџиќ во 70 и Запакоста во 88 минута.

Фудбалерите на Интер, актуелниот шампион во италијанската Серија А, го совладаа Емполи на гостински терен со 3:0. Со тоа Интер продолжи да го следи водечкиот Наполи и повторно дојде на четири бодови минус. И интере се мачеше да го скрши отпорот на жилавиот Емполи, а тоа го оствари дури откако доби играч повеќе.

Во 31. минута Гогличиџе заработи црвен картон, а Интер во вториот дел постигна три погодоци. Воведните два ги даде Давиде Фратези, во 50. и 67. минута, додека сѐ беше заклучено во 79. кога најдобриот стрелец на Интер, Лаутаро Мартинез ја затресе домашната мрежа.

Венеција направи голем пресврт на домашен терен против Удинезе. Губеше со 0:2, но го оствари второто сезонско славје со победа од 3:2. Во воведниот дел од натпреварот гостите од Удине постигнаа два гола, а стрелци беа Словенецот Ловриќ во 19. минута и Шпанецот Икер Браво во 25. минута. Се чинеше дека играчите на Удинезе се на одличен пат да остварат гостинска победа, но нивното расположение донекаде го расипа Похјанпало, кој во 41. минута погоди од пенал за 1:2. На Удинезе во продолжението од мечот сѐ му падна во вода. Прво гостите останаа со играч помалку во 53. минута кога Туре доби црвен картон, а потоа дојде до пресвртот. Николуси израмни на 2:2 во 56. минута, додека Финецот Похјанпало реализираше нов пенал во 86. минута за 3:2 и славје на Венеција.

Во четврток играат Џенова – Фиорентина, Комо – Лацио и Рома – Торино.