Соединетите држави во петокот објавија дека ќе распоредат бомбардери „B-52“, борбени авиони, воздушни танкери и разурнувачи на Блискиот исток како дел од промената во користењето на воените ресурси додека борбената група на носачот на авиони „Абрахам Линколн“ се подготвува да го напушти регионот.
Пентагон наведе дека распоредувањата ќе следат во наредните месеци, што ќе ја демонстрира флексибилноста на американското распоредување низ светот.
„Доколку Иран, неговите партнери или неговите посредници го искористат овој момент за да го целат американскиот персонал или интереси во регионот, Соединетите држави ќе ги преземат сите неопходни мерки за да го одбранат нашиот народ“, рече портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Патрик Рајдер.
САД имаа дури два носача на авиони на Блискиот исток во текот на изминатата година поради зголемените тензии по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во октомври 2023 година. Повлекувањето на носачот „Абрахам Линколн“ ќе предизвика привремен недостиг на носачи на авиони додека друг не биде распореден на Блискиот исток.
Најновото прилагодување на американските сили во регионот следи по директната размена на оган во октомври меѓу Израел и Иран. Израел се бори против палестинското движење Хамас во Газа и либанското шиитско движење Хезболах во Либан. Исто така, изврши напади во Јемен, откако борците на тамошното хутистичко движење извршија ракетирање на Израел и во Црвеното Море го гаѓаат пловилата кои се поврзани со израелските или западните интереси. Сите овие вооружени групации се поддржани од Иран.
САД соопштија дека ќе му помогнат на Израел против нападот и ќе ги зашитат американските сили на Блискиот исток, кои беа цел на непади во Сирија, Ирак, Јордан и долж брегот на Јемен.