Харис вети поддршка за македонските идентитет и јазик, Трамп најави економска соработка и безбедност

Доколку биде избрана за претседател на САД, потпретседателката и демократска кандидатка Камала Харис кажа дека ќе ги штити правата на граѓаните и земјите слободно да го изразуваат својот национален идентитет, вклучително и македонските идентитет и јазик, додека поранешниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп вети економска соработка и безбедност на Западен Балкан ако тој победи на изборите во вторник, објави Гласот на Америка на македонски.

И двете кампањи најавија поддршка на демократските институции и борба против корупцијата во регионот.

„НАТО и ЕУ се базираат на заеднички демократски вредности, вклучувајќи силни, независни и одговорни институции. Нашите вредности, исто така, ги штитат и почитуваат правата на граѓаните и земјите слободно да го изразуваат својот национален идентитет, вклучително и македонскиот идентитет – и да го зборуваат својот национален јазик, вклучително и македонскиот јазик. Потпретседателката Харис разбира колку се важни овие вредности за виталната македонско-американска заедница“, изјави портпарол на кампањата на Харис за Гласот на Америка на македонски.

Корупцијата, потенцираат, е клучен национален безбедносен интерес на САД.

„Потпретседателката Харис постојано се залага за унапредување на демократијата, владеење на правото и борбата против корупцијата. Корупцијата е клучен национален безбедносен интерес на САД, што е една од причините зошто потпретседателката Харис е целосно посветена на унапредување на евроатлантските аспирации на шесте земји од Западен Балкан“, наведуваат од кампањата на Харис.

Администрацијата на претседателот Џо Бајден на почетокот на мандатот најави борба против корупцијата, велејќи дека претставува закана за национална безбедност, не само во САД, туку и во цел свет. Претседателот Џо Бајден во 2021 година потпиша извршна наредба, со која се предвиде блокада на имот и спречување влез во САД за одредени лица кои придонесуваат кон дестабилизација на Западен Балкан, за постапки кои, меѓу другото, вклучуваат корупција.

Кампањата на Трамп, пак, ја критикува надворешната политика на Бајден во однос на борбата против корупцијата и интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, нарекувајќи ја „пасивна“.

„Надворешната политика на администрацијата на Бајден на Балканот е обележана со неактивност, празни ветувања и недостаток на посветеност за вистинско разбирање на уникатните предизвици на регионот. Наместо да се спроведуваат значајни економски и иницијативи за раст во земји како Грција, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Романија и Словенија, за поддршка на овие нации во нивната борба против корупцијата и интеграцијата во ЕУ, администрацијата на Бајден се одлучи за пасивен пристап. Овој недостаток на ангажман не само што го попречи економскиот напредок, туку и остави многу балкански држави да се чувствуваат занемарени и невреднувани додека тензиите вријат без соодветна интервенција“, изјави Христос Марафацос, заменик-претседавач со Националната коалиција за различности на претседателот Трамп.

Марафацос вели дека надворешната политика на Трамп кон Западен Балкан ќе се фокусира на трговски партнерства и економски можности. – Белата куќа предводена од Трамп нема едноставно да турка широкогради изјави за демократијата. Ќе донесе вистински, одговорни резултати преку директно работење со локалните лидери и луѓето во регионот.

Србија и Косово потпишаа договор за економска нормализација во 2020 година за време на администрацијата на претседателот Трамп. Марафацос рече дека Трамп ќе ја продолжи политиката на поддршка на стратешки економски договори.

„Дополнително, неговата администрација ќе даде приоритет на индивидуалните слободи и ќе ја намали бирократијата која го задушува напредокот во овие нации, помагајќи да се унапредат вистинските демократски вредности преку зајакнување на граѓаните и локалните институции“, велат од кампањата на Трамп.

Оттаму кажаа и дека ако Трамп се врати во Белата куќа, ќе преземе активни чекори за да го спречи странското влијание насочено кон дестабилизација на балканскиот регион.

Одлучниот стил и посветеноста на Трамп, наведуваат, за градење силни сојузи засновани на заемна корист и почит би биле во целосна спротивност со пасивните политики на сегашната администрација, давајќи им надеж на оние кои веруваат во посветла иднина на Балканот.

Стејт департментот на 21 ноември 2023 година, за Гласот на Америка на македонски, кажа дека администрацијата на Бајден ќе работи со земјите од Западен Балкан да се намали можноста за „малигно руско влијание“.

„Посветени сме да работиме со земјите од Западен Балкан, нашите европски партнери и меѓународната заедница, за унапредување на реформите во управувањето, владеење на правото, изборните и антикорупциските реформи, кои ќе ја намалат можноста за малигно руско влијание и ќе донесат траен мир, стабилност и просперитет на регионот“, се вели во изјавата на Стејт департментот.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), која неодамна прослави 20 години постоење, минатиот месец доби писмо од потпретседателката Харис, со кое таа ѝ се обрати на македонската заедница во САД.

„Покрај придонесите кон економијата и културата, македонските Американци активно се вклучуваат во нашата демократија. Многумина служат во законодавните тела и граѓански организации, рефлектирајќи ги принципите на слобода и заедница што ја прават нашата држава посилна. Нивната посветеност во граѓанскиот сектор е инспирирачка и клучна за здравјето на нашата демократија“, пишува во писмото.

Викендов во Мичиген, сојузна држава во која живеат околу 125 илјади Американци со македонско потекло, Македонците организираат настани за поддршка на кампањите на Харис и на Трамп. Трамп и Харис ги завршуваат нивните последни изборни митинзи пред претседателските избори во вторник. Милиони гласаат предвреме, пишува Гласот на Америка на македонски