Европските инвеститори претпазливи пред извештајот за инфлацијата

На европските берзи во петок наутро се тргува претпазливо, па индексите стагнираат, додека инвеститорите го чекаат извештајот на Евростат за инфлацијата во еврозоната во ноември.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневени пресек беше речиси непроменет во однос на вчерашниот ден. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,01 отсто, на 8.280 поени, а париски CAC зајакна за 0,03 отсто, на 7.180 поени. Франкфуртски DAX ослабе, пак, за 0,09 отсто, на 19.407 поени.

На европските инвеститори им недостига насока од Волстрит, со оглед на тоа што во четвртокот во САД немаше работа поради празник, а во петок ќе има намалена работа.

Покрај тоа, инвеститорите не сакаат да преземаат ризици пред објавувањето на првата проценка на Eurostat за инфлацијата во еврозоната во ноември, која може да покаже дали има простор Европската централна банка (ECB) дополнително да ги намали каматните стапки.

А на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции беше намален за 0,3 отсто во истиот пресек од тргувањето како и во Европа, така што е на пат за седмична загуба од околу 0,5 отсто. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei ослабе за 0,4 отсто, додека цените на акциите во Австралија и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,1 и 1,9 отсто. Во Хонгконг и Шангај, пак, тие се зголемија меѓу 0,3 и 0,9 отсто.

На азиските берзи се тргува неизвесно откако на почетокот на седмицата новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави зголемување на царините за увоз на кинески производи за 10 отсто, а на Мексико и Канада за 25 отсто. Ова ги зголеми стравувањата од нова трговска војна меѓу Кина и САД, како што беше за време на првиот мандат на Трамп.

Инвеститорите стравуваат и дека некои други земји во регионот и одредени сектори ќе бидат цел на Трамп. Поради ова, кинеските берзи еден ден драстично паѓаат, а следниот ден обновуваат дел од загубите, бидејќи инвеститорите се надеваат на нови економски стимулативни мерки од кинеските власти.

Претпладнево, пак, јапонскиот Nikkei индекс е под притисок поради зголемената инфлација во Јапонија, што ги поттикна шпекулациите дека централната банка би можела да ги зголеми каматните стапки овој месец.

И додека цените на акциите паднаа како резултат на тоа, јапонскиот јен значително зајакна во однос на доларот, така што е на пат за седмична добивка од околу 3 проценти.