Израел гаѓаше цели во Либан

Израелската војска во понеделникот соопшти дека погодила десетици цели низ Либан, набргу откако Хезболах го обвини Израел за прекршување на договорот за прекин на огнот и истрела проектили врз позиција на израелската армија во спорната област Фармите Шеба.

Либанското Министерство за здравство во прелиминарната изјава доцна во понеделникот соопшти дека девет лица загинале, а тројца се ранети во израелските воздушни напади врз градовите Харис и Талуса во јужниот дел на Либан.

Жителите на Бејрут изјавија за Reuters дека слушнале беспилотни летала на небото над либанската престолнина во вечерните часови додека либанската официјална новинска агенција NNA објави дека Израел ги обновил нападите во јужен Либан. Претходно Хезболах започна, како што го нарече „одбранбен предупредувачки напад“.

Размената на оган го стави примирјето меѓу Израел и Хезболах постигнато со посредство на САД во сè покревка позиција, помалку од една седмица откако стапи на сила.

Прекинот на огнот му забранува на Израел да спроведува офанзивни воени операции во Либан, додека од Либан бара да ги спречи вооружените групи, вклучително и Хезболах, да извршуваат напади против Израел.

Израелската војска објави дека нема жртви по двете лансирања на ракети на Хезболах, но премиерот Бенјамин Нетанјаху вети „силен“ одговор.

Хезболах рече дека неговиот ракетен оган, прва операција потврдена од движењето по стапувањето на сила на прекинот на огнот во средата, е чин на одмазда за повторените израелски прекршувања на примирјето.

Претседателот на либанскиот парламент Набих Бери, сојузник на Хезболах кој преговараше за примирјето во име на Либан, рече дека најмалку 54 прекршувања на примирјето од страна на Израел биле пријавени од минатата среда.

Официјалната либанска новинска агенција NNA јави дека израелските сили истрелале две артилериски гранати кон јужниот либански град Беит Лиф во областа Бинт Џбеил, додека тешките митралези го гаѓале Јарун. Во двата инциденти нема повредени, соопшти NNA, но додаде дека има повредени во одделен израелски напад во јужниот либански град Талуси.

Бери го повика Комитетот за следење на прекинот на огнот „итно“ да се погрижи Израел да престане со кршењето на примирјето.

„Работиме преку механизам со Франција, Израел и Либан за да ги истражиме и да ги решиме извештаите за прекршување“, рече портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер, додавајќи дека раните периоди на прекини на огнот честопати биле кревки, но генерално успевале да го намалат насилството.