Германскиот железнички превозник „DB Cargo“ планира да укине 5.000 работни места до 2029 година, изјави шефицата на филијалата на „Deutsche Bahn“, Зигрид Никута, што е повеќе од договорено со претставниците на работниците.
„DB Cargo“ со години бележи загуби, а според одлуката на Европската комисија, матичната компанија „Deutsche Bahn“ повеќе не смее да ги „покрива“ со финансиски аранжмани.
На почетокот на 2022 година, Брисел започна истрага за државната помош за „DB Cargo“ по жалба од конкурентите, а на крајот на ноември тие заклучија дека се одобрени 1,9 милијарди евра во согласност со регулативите на ЕУ.
Планот за реструктуирање треба да обезбеди одржливо работење на „DB Cargo“ до крајот на 2026 година, а договорот за пренос на добивката и загубите на државата истекува на 1 јануари 2025 година, утврдија во Брисел.
Затоа Синдикатот на железници и транспорт (EBG) и работничкиот совет започнаа преговори со управата за програмата за штедење и во октомври се договорија во почетната фаза да бидат укинати 2.300 работни места. Сепак, шефицата на менаџментот постојано предупредуваше дека, според сите пресметки, повеќе работници ќе мора да ја напуштат компанијата.
Никута во неделата изјави дека поради неповолните прогнози за економијата, повеќе работници ќе мора да ја напуштат компанијата, пред се во администрацијата. Но, отпуштања ќе се распределат и во оперативниот дел на претпријатието, додаде таа, посочувајќи дека планираат да го намалат бројот на работници, пред сѐ, со пензионирање.
„До почетокот на годината компанијата веќе ја напуштија околу илјада вработени, главно одејќи во пензија. Околу 650 нивни колеги добија нови понуди за работа во рамките на железничката групација“, рече Никута, додавајќи дека уште 700 работници ќе заминат доброволно, со планирани стимулации.
Од перспектива на „DB Cargo“, овие бројки ја намалуваат потребата за дополнителни отпуштања во следните пет години на околу 2.650 работни места. Инаку, „DB Cargo“ има околу 31.000 вработени.