Македонската ракометна репрезентација загуби од Холандија со 37-32 во рамки на 2.коло од групата Д на Светското првенство во Вараждин.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров се бореа во текот на целите 60 минути против фаворитот, но не можеа против брзите „лалиња“, но и неколкуте сомнителни одлуки на данските судии.
Македонија играше одличен натпревар во првите 20 минути. Имавме постојано водство се до 12-13. Потоа имавме голем пад кога седум минути не постигнавме гол, а Холандија го искористи тоа за да поведе со 17-13. На полувремето имавме негатива од 18-15.
Во вториот дел постојано го бркавме ривалот, но не успеавме да смалиме повеќе од -2. Иако во последните минути од дуелот беше 34-32, повторно влеговме во серија грешки, па ривалот го заврши натпреварот со серија од 3-0 за незаслужено убедлива победа од 37-32.
Капитенот Филип Кузмановски со девет голови беше најефикасен во нашиот табор, Мартин Серафимов имаше шест, додека Марко Митев го заврши натпреварот со четири гола. Никола Митревски на голот запиша седум интервенции.
Данските судии Мадс Хансен и Јеспер Мадсен во вториот дел беа лесни да досудување удари од седум метри, па на крајот Холандија шутираше дури 12 пенали и погоди 10.
Македонија имаше одлична реализација на нападите од дури 84 отсто, но овој пат направивме многу технички грешки, односно имавме 15 загубени топки, седум повеќе од дуелот со Унгарија кога ремизиравме 27-27.
Во последното коло во недела од 18 часот ќе се соочиме со Гвинеја и со победа треба да го потврдиме пласманот во главната фаза од ракометниот мундијал.