Претседателката на српскиот парламент и поранешна премиерка Ана Брнабиќ во вторникот предупреди дека студентите кои протестираат и ја блокираат работата на околу шеесетина факултети во сите четири универзитетски центри во Србија може да останат без поддршка од државниот буџет и право на студентски домови, а факултетите би можеле да западнат во финансиска блокада и стечај.
Бранот протести во Србија беше предизвикан од смртта на 15 претежно млади луѓе и сериозните повреди на уште две лица при уривање на настрешница на неодамна реновираната железничка станица во Нови Сад на 1-ви декември, за што значителен дел од јавноста ги смета за одговорни владата и изведувачите, обвинувајќи ги за небрежност и коруптивни практики, иако дел од реконструкцијата е правена од претходните власти пред десетина години.
Просветните работници, кои изминатите денови ги поддржаа студентските протести и блокадите на околу 60 факултети но и на сообраќајници во српските градови, тврдат дека наводно се изложени на притисок од властите и обиди да се влијае врз нив да се откажат.
Брнабиќ, во екот на студентските протести кои добиваат поддршка од јавноста и опозициските партии, на седницата на собраниската Комисија за образование, наука, технолошки развој и информатичко општество предупреди дека континуираната блокада на факултетот носи „три закани“ и дека „меден месец заврши.”
Брнабиќ ја наведе „опасноста дека повеќе од 100.000 студенти ќе го изгубат правото на студирање на сметка на буџетот, а повеќе од 17.000 ќе го изгубат правото на студентско домување“.
Таа, исто така, предупреди дека студентите кои самите и нивните семејства ги финансираат студиите може да бидат изложени на дополнителни трошоци, долгови и „изгубени животни шанси“, а третата закана ја нарече „страшна“, а тоа е дека факултетите би можеле да се најдат во финансиска блокада и да банкротираат.
„Ова значи клуч на катанецотот за државните факултети и универзитети. А за што – за Центарот за анархистички студии од Загреб“, изјави Брнабиќ, алудирајќи на „Blokadnа kuharicа“ (Готвачот за блокади), брошура објавена со поддршка на невладини странски организции која ги опишува искуствата од организирањето блокади на факултети во Хрватска во 2009 година.
За некои функционери, вклучително и Ана Брнабиќ, „готвачот“ станал подметната опсесија во обидите да ги поврзат студентските протести во Србија со Хрватска, со наводното влијание на хрватските но и другите западни разузнавачки и агенции од регионот, како и интересни групи чии цели се без избори да собори владата и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Брнабиќ изјави дека е „крајно време“ да се направи сметка за тоа што се случувало во изминатите два ипол месеци во високото образование и кои се последиците со кои „сите ќе се соочат на многу краток рок“.
Нејзината изјава дојде три дена по пораката на Вучиќ во интервју за ТВ Хепи дека „ќе ги издржи сите надворешни удари“ и дека „државата ќе реагира“.
Вучиќ потоа им се заблагодари на граѓаните за трпението, кои се надеваат дека „на крајот ќе престане малтретирањето на граѓаните со блокади“, и на „студентите кои не се согласија да бидат експеримент за политичките партии“.
„Ве молам да се свртите кон иднината. Наскоро ќе има референдум или избори, а потоа со пенкало во рака имате можност да ја смените власта. Ве молиме, не нè терајте да покажеме дека сме држава“, рече Вучиќ.
Во меѓувреме, опозицијата и невладините организации поврзани во прв ред со организаторите на студентските протести тврдат дека бил зголемен притисокот врз управите на факултетите, средните и основните училишта, чии професори, наставници и вработени застанаа покрај студентите и ги поддржаа со прекин на наставата на 20-ти јануари, првиот ден од второто полугодие, поради нивната поддршка за студентите и незаконско организирано изведување на учениците од средните па и од повисоките класови на основните училишта.
Блокадите продолжија и во вторникот во бројни училишта, а ресорното министерство испрати просветни инспектори во училиштата, предупредувајќи ги наставниците и професорите дека една од мерките може да биде отказ.