Италија до крајот на 2027-ма ќе подготви план за враќање на нуклеарната енергија

Италија има намера да го заврши планот до крајот на 2027 година со кој ќе се овозможи повторно користење на нуклеарната енергија и ќе се укине забраната воведена пред речиси 40 години, изјави министерот за енергетика Џилберто Пичето Фратин во интервју за дневниот весник Il Sole 24 Ore.

Нуклеарните централи беа забранети во Италија по референдумите во 1987 и 2011 година, а владата сега работи на регулативи кои ќе ја укинат забраната со користење нови технологии за нуклеарна енергија.

Мали и софистицирани модуларни реактори би можеле да помогнат да се декарбонизираат најголемите загадувачи во италијанската индустрија, вклучително и производството на челик, стакло и плочки, според владата на премиерката Џорџа Мелони.

„Италија е подготвена повторно да користи нуклеарна енергија и оваа клучна одлука нема да ги замени обновливите извори, туку ќе ги надополни и ќе обезбеди избалансиран и одржлив енергетски микс“, вели министерот Фратин.

Првиот нацрт на законот ќе биде доставен до Владата на усвојување во следните две седмици, додава Фратин.

Италија проценува дека уделот од 11 отсто на нуклеарната енергија во енергетскиот микс ќе ги намали трошоците за декарбонизација на економијата за 17 милијарди евра до средината на векот. Во Планот за енергетика и клима (PNIEK) неговото учество се проценува до 22 отсто, забележува министерот за енергетика.

Италија ја зачува клучната експертиза во нуклеарниот сектор. Државната енергетска компанија „Enel“ управува со нуклеарни централи во Шпанија, а енергетската компанија „Eni“ инвестира во проект за развој на реактор за нуклеарна фузија во САД.

Италија е во преговори со неколку компании, вклучително и американската енергетска групација „Westinghouse“ и француската EDF, кои би можеле да ја преземат улогата на потенцијални партнери на државната компанија во изградбата на софистицирани нуклеарни реактори.

Копаниите „Enel“, „Ansaldo“ и производителот на оружје „Leonardo“ работат на основање државна компанија за изградба на нуклеарни реактори.