![b9vcca9i](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/01/b9vcca9i.png?resize=696%2C522&ssl=1)
Националната установа Универзитетска библиотека „Свeти Климент Охридски“-Битола промовира изложба на книги посветена на 26 јануари, прогласен од Обединетите нации за Светски ден за едукација за заштита на животната средина.
Ние имаме само една планета и колку повеќе ќе ја чуваме толку повеќе оставаме за идните генерации. Денешниот ден, 26 јануари, е потсетник за тоа какви програми за едукација се потребни на глобално ниво, посочија од Библиотеката во Битола.
„Изложбата е дел од активностите кои ќе ги реализира нашата Библиотека за поддигнување на свеста и едукација за заштитата на животната средина. Изложбата е отворена секој ден и посетителите може да погледнат и изнајмат книги публикувани на македонски и англиски јазик, истакнаа од таа национална установа.
Во изложбениот салон на библиотеката изложени се книгите „Човекот, водата и животната средина“ на авторот Милош Змејковски, „Дипломатија на животната средина“ од Лоренс Е. Саскинд, „Геологија за инженери и стручњаци за животна средина“ од Аланд Кехју, „Заштита на животната средина“ од Милто Мулев, Зборник на трудови во издание на МАНУ, истражувачки центар за животна средина и материјали, детска илустрирана енциклопедија за екологија и други енциклопедии посветени на екологијата.