Макрон: Приватните компании ќе инвестираат 109 милијарди евра во вештачка интелигенција во Франција

Франција ќе објави инвестиции од приватниот сектор во вештачка интелигенција од околу 109 милијарди евра за време на самитот за вештачка интелигенција во Париз кој започнува в понеделник, објави во претседателот Емануел Макрон.

Плановите ja вклучуваат канадска инвестициска фирма „Brookfield“ со инвестиција од 20 милијарди евра и финансирање од Обединетите Арапски Емирати кои би можеле да достигнат 50 милијарди евра во наредните години, соопшти кабинетот на Макрон.

Елисејскиот дворец соопшти дека инвестицијата од Емиратите ќе вклучува финансирање на центар за податоци од еден гигават. Весникот La Tribune de Dimanche објави дека најголемиот дел од инвестицијата на „Brookfield“ ќе оди и во центарот за податоци.

Вештачката интелигенција бара огромни количества енергија за напојување на огромните центри за податоци, а Европа се бори да ја задоволи идната побарувачка.

Минатиот месец, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека компаниите „OpenAI“, „SoftBank Group“ и „Oracle“ ќе инвестираат 500 милијарди долари во инфраструктурата за вештачка интелигенција во следните четири години за да им помогнат на САД да ја одржат предноста пред Кина и другите ривали во глобалната трка за вештачка интелигенција.

Големиот акциски самит за вештачка интелигенција во понеделник и вторник во Париз ќе собере бројни шефови на држави или влади, меѓународни организации, технолошки компании и научници кои ќе се обидат да постигнат глобален консензус за етичкиот развој на вештачката интелигенција за општо добро.

Минатиот месец донесе потрес на полето на вештачката интелигенција кога кинеската компанија „DeepSeek“ го претстави својот модел со вештачка интелигенција, сличен на ChatGPT, кој беше развиен со драстично помали трошоци. Компанијата објави дека потрошила само 5,6 милиони долари на компјутерски ресурси за нејзиниот основен модел. Во исто време, американските компании како „OpenAI“, „Google“ и „Meta“ инвестираат милијарди во развојот на вештачката интелигенција.