Македонија дел од СЕПА – полесни и побрзи плаќања во евра

Министерството за европски прашања ја поздравува одлуката на Европскиот платен совет (ЕPC) за проширување на географскиот опсег на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), со што Република Македонија вчера стана дел од оваа значајна европска финансиска зона.

Членството во СЕПА значи полесни, побрзи и поевтини трансакции за граѓаните и компаниите. Дознаките од ЕУ ќе пристигнуваат побрзо и со пониски трошоци, а бизнисите ќе имаат поедноставени плаќања во Европа. Исто така, членството ќе ја зајакне меѓународната доверба во финансискиот сектор на Северна Македонија и ќе ги продлабочи трговските односи со Европската економска област.

Според календарот на EPC, нашите финансиски институции ќе започнат со пристапување кон СЕПА во април 2025 година, а оперативната подготвеност на давателите на платежни услуги е предвидена за 5 октомври 2025 година.

Со ова значајно достигнување, Македонија станува дел од единствениот европски пазар на плаќања, што претставува уште еден конкретен чекор на Владата кон европската економска интеграција и подобрување на финансиските услуги за граѓаните и компаниите. Пристапувањето во СЕПА е конкретна придобивка од Планот за раст земјите од Западен Балкан во контекст на забрзаната интеграција.