
Практичниот дел на комунистичката политика е да ги подбуцнуваат луѓето (читај непријателите) еден против друг. Зборовите се калкулирани да предизвикаат омраза, аверзија и презир, не да убедат, туку да да го скршат противникот, не да ги корегираат неговите грешки, туку да го уништат и да го избришат од лицето на земјата. Ова се парафразирани зборови на Ленин кои го отсликуваат некогашниот советскиот концепт на дезинформирање, како ширење на лажни и провокативни информации. Во практика тоа е малку покомплексно: тоа значи дистрибуција на лажни или фабрикувани документи, фотографии, пренесување и ширење на злобни и компромитирачки гласини. Со која цел? Да се уништи и дискредитира противникот; да се поткопа довербата во луѓето, институциите и политика. Преку манипулативната употреба на слогани, аргументи, дезинформации и крајно селектирана вистина се влијае на ставовите и акциите на јавноста и власта, како и на процесот на формирање на политичката воља во државата. Ова се познати како „активни мерки“ во жаргонот на тајната полиција на Советскиот Сојуз. Техниките на „активни мерки“ вклучувале употреба на агенти провокатори кои требале да ги рашират гласините, луѓе кои биле задолжени да ги измислат, или по потреба извртат фактите, контролирани медиуми кои требале да ги пренесат вешто фалсификуваните аргументи и дезинформации до јавноста, се’ со цел да се влијае на формирањето на јавното мислење. Овие тактики се многу ефикасни затоа што ги искористуваат нашите примитивни инстинкти на преживување и самоодржување и привлекуваат социо-културни особини како што се алчноста и барањето статус.
Ако некој мисли дека времето на агенти провокатори од комунизмот е зад нас, грдно се лаже. Налицкани, подостарени, но дотерани во ново демократско руво тие се тука, отсекогаш биле, никогаше не заминале.
Смрдат на леш во распаѓање кој неочекувано воскреснува од мртвите.
Историјата на ваквиот човечки отпад не е завршена, само и’ требаше кратка дремка. Дали сте се запрашале зашто кризите во Македонија се појавуваат секогаш кога со промена на власта рециклираните комунисти се надвор од неа? Кои се спонзорите и манипулторите на македонската реалност на дезинформирање? Кои се агентите на хаосот во Македонија? И, кога истражувате секогаш доаѓате до истите имиња на луѓе од поранешниот режим кои комотно се вдомија во политиката и во безбедносниот сектор, задолжени да ја одржуваат и потхрануваат идејата на еден пропаднат систем, загнојувајќи ја демократијата со лаги и дезинформации. Тоа се истите оние од намерно подзаборавениот случај на бугарските летоци од почетокот на транзицијата, кој го одбележа создавањето на стереотипот во македонската политика, или оние што ја креираа наводната безбедносна закана од отворањето на политичките досиеја и лустрацијата која ќе продуцирала нови жртви (од кога кодошите се жртвата), или оние кои конфликтот од 2001 година го оправдуваа како резултат на некаква си фабричка грешка во Уставот која не можела да се детектира дотогаш, како и оние што ги креираа аферите на прислушување, продажба на името и обезличување на државата. Сите други беа лоши, корумпирани, криминалци и неспособни, па ако сакате и наводни соработници на тајни служби – само тие останаа чесни и непорочни и како такви лиценцирани да владеат со оваа држава, а во сите досиеја на тајната полиција се нивните имиња. Само нема кој да чита.
Ваквите човечки мршојадци ја афирмираа и дисеменираа човечката подлост и злоба како доблест на политиката и фабрикуваните лаги во Македонија. И, како што гледам, се уште виреат како коров во македонскиот политички амбиент. Нивното кодошко филозофско верување дека во политичката војна се соочуваат со егзистенцијална културна и политичка закана од здравите сили на демократијата ги прави бескрупулозни во креирањето облак прашина од гласини, шпекулации, полувистина, заговор и целосна лага, за да ги прикријат нивните активности, оставајќи ги луѓето да чувствуваат дека е невозможно да се знае објективната вистина. Следното најдобро што знаат да направат од своето комунистичко наследство е ако не можат да ги убедат луѓето во нивните аргументи, на крајот на краиштата е да ги натераат да не веруваат во сите други аргументи. Со инфилтрирањето на агентите на хаосот во највисоките ешалони на политиката во Македонија станавме заробеници во маѓепсан круг на ескалација на деструктивно однесување по голема цена. А, цената е разнебитување на државата.
Затоа новата власт мора под итно да се ослободи од овие луѓе, кои гледам повторно успеваат да се закачат за неа како крлежи во пролет и на добар пат се да го загадат демократскиот амбиент во државава. Власта не смее да дозволи нивно инфилтрирање на високи државни позиции како во минатото, разјадувајќи ја и слабеејќи ја државната структура одвнатре. Напротив, јавноста бара да бидат извлечени од заштитената анонимност и разобличени во нивните намери. Јавноста бара да бидат истребени, или изложени на светлина – слично како кога се справувате со бубашвабите. Затоа, за да се дознае црната историја на овие луѓе, на власта е да ѕирне во идеолошките досиеја на тајните служби од поранешна Југославија за да го види нивниот вистински лик. А, верувајте има што да види, а богами и прочита.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес