
Стотици холивудски продуценти, актери и членови на снимателски екипи ги повикаа законодавците од Калифорнија во неделата да ги зголемат даночните олеснувања и да донесат други мерки за да поттикнат повеќе филмска и телевизиска продукција во и околу Лос Анџелес.
Застапниците се собраа во локалното студио за да се залагаат да се запре преместувањето на производството во други американски држави.
„Направете го Холивуд повторно Холивуд“, рече Џоли Фишер, актерка и секретарка на синдикатот на актерите SAG-AFTRA.
На собирот присуствуваа костимографи, сценографи, музичари, продуценти и сопственици на компании. Неколкумина носеа маици со цитат од филмот „Волшебникот од Оз“: „Нема место како дома“.
Работниците се надеваа на закрепнување на продукцијата во Лос Анџелес по штрајковите на писателите и актерите во 2023 година, но враќањето беше бавно.
Гевин Њусом, демократскиот гувернер на Калифорнија, предложи зголемување на даночните олеснувања на државата за филм и ТВ на 750 милиони долари годишно, од 330 милиони долари.
Застапниците го поддржуваат проширувањето, но исто така сакаат и други мерки, вклучително и полесно лиценцирање.
„Калифорнија треба да престане да го зема Холивуд здраво за готово“, рече режисерката Сара Адина Смит, организаторка на кампањата „Остани во ЛА“ која ги натера студијата да ги зголемат снимањата во градот.
„Ако не го запреме крварењето, Лос Анџелес е во опасност да стане Детроит“, додаде Смит алудирајќи на пропаѓањето и бабкротот на центарот на американската автомобилска индустрија. „Ова е одлична, култна американска индустрија, домашна индустрија, и ние ја губиме со алармантна брзина“, предупреди таа.