Ја има ли Европа во програмата на Министерството за култура за 2023?

Реакција на Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ:

Цели 9000 евра Министерството за култура ќе одвои во Програмата за 2023 година во дејноста на европските интеграции во културата, поддржувајќи само 5 национални установи со вкупно 8 проекти. Ако кон оваа „раскошна сума“ за поддршка на македонските институционални евроинтегративни процеси додадеме уште 5 поддржани проекти од меѓународната културна дејност, севкупните македонски евроинтегративни заложби за цела година би чинеле колку половина од буџетот на еден дводневен фестивал за кој никој не слушнал или колку буџетот на еден викенд проект на некои од бројните фантомски здруженија од културата.

Меѓународната културна дејност, која е најважната слика за една држава во светот, во Годишната програмата за 2023 година ќе има 50 % помалку буџет од минатата година, ако од оваа буџетска сума ги исклучиме македонските културно-информативни центри кои ќе останат на нивото од своите стандардни буџети, но и на нивото на своите исто така скромни стандардни програми! Со овие прескромни средства Министерството за култура треба да ја креира најдобрата и најпосакуваната слика за Македонија, но каде?! Најмалку таму каде што најмногу треба, а тоа се европските центри на политичка, економска, но и културна моќ!

Македонска меѓународна културна дејност во 2023 година во најголем дел ќе биде претставена во нашиот најблизок регион, пред сè, во државите од непосредното соседство и Турција, но не е предвидено ниту едно македонско културно претставување во Атина, Љубљана, Лондон, Амстердам, Берлин, Брисел, Будимпешта и Мадрид, а со едно или најмногу две културни претставувања ќе нѐ има во останатите европски центри.

Во овој контекст вреди да се поздрави претставувањето на хорот Св. Злата Мегленска со Велигденски концерт во Стокхолм, но каде сме со останатата презентација на македонската култура во Шведска – земја претседавач со Европската Унија во првото полугодие од 2023 година?!

Македонската културна промоција во Европа и светот и во оваа година ќе биде стихијна и инцидентна, без точно одредени стратешки цели и акции како и без доволна институционална поддршка и мотивација кон националните институции, за подобра и помоќна продукција која би можела лесно да се пласира и надвор од границите на државата. Вака, следејќи го најлесниот и најопортун приод „од сè по нешто – за секого по малку“, а без стратешки дефинирана и програмски јасно одредена културна мапа, каде треба и каде мора да биде присутна македонската култура во 2023 година, тешко ќе го освојуваме полето за културен натпревар меѓу народите, посебно во Европа каде е и родното место на нашата култура!

Малку повеќе дела за Европа, а помалку празни декларативни зборови, може ли, Бисера Костадиновска-Стојчевска?!