Ја задолжуваше ли Заев Македонија за да си прави приватни забави во Дубаи со Филипче?

Секое задолжување, нешто што секоја држава го прави, е со одредена каматна стапка. Секое задолжување се пари, кои граѓаните на таа држава потоа во годините што следат, ги враќаат на оној кој ги дава парите и тоа со камата. Најважното е како тие пари ќе ги искористи оној што управува со државата. Дали како Ковачевски и Заев, позајмените пари ќе исчезнат преку разни Фондови за иновации низ програми за тренирање на магариња.

Зошто Македонија да мрдне напред и да се обиде да се извади од тињата во која е? Зошто? Па, толку ни беше убаво цели седум години заглавени во кал до гуша… море и преку глава. Ниту нешто се градеше, ниту некаде се инвестираше. Се крадеше на едро, што би рекле нашите источни соседи. Седум години ниту еден сантиметар автопат, на пример. Се плаќаа милионски суми евра за обврските кои тајно ги договори владата на СДСМ предводена од Димитар Ковачевски, а придружена со ДУИ, со „Бехтел и Енка“, а никакви активности на терен немаше. Седум години скапуваа и се распаѓаа градби вредни милиони народни евра поради негрижата на власта на СДСМ и ДУИ, и само затоа што тие градби биле отпочнати во времето на оние кои пред нив управуваа со Македонија.

Дел од оваа тажна приказна се и двете градби за факултети кај Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Едната градба беше наменета за Факултетот за информатички технологии (ФИНКИ), моментно најпопуларната високообразовна институција за идните студенти во Македонија. И ден денеска, студентите и професорите од ФИНКИ, шетаат како улични кучиња по разно-разни бараки за да одржат предавања, вежби или испити. Немаат свој објект. А, зошто? Нека ги прашаат Заев и Ковачевски, тие го имаат одговорот.

Зошто Македонија да користи поволни кредити од земја членка на Европската унија? Зошто тие пари, половина наменети за локалната власт, а другата половина за стопанството, да донесат напредок во земјава и да ја направат Македонија подобро место за живеење?

Претходната политичка гарнитура, прво предводена од Зоран Заев, а потоа од Димитар Ковачевски, не дека не се задолжуваше, поточно ја задолжуваше државава, туку граѓанството немаше никаква информација каде тие пари завршуваа, иако токму граѓанството потоа ги враќаше и сеуште ги враќа. Да не се чудиме сега сите од каде пари за забави во Дубаи и платени скапи балкански певаљки на приватни дружби. Таму одеа тие пари, кои сега ние ги враќаме. Не ни беше кажано и образложено кое задолжување со каква камата е, и каква ќе биде неговата намена, поточно каде тие пари, кои како држава ги позајмуваме, ќе завршат.

Секое задолжување, нешто што секоја држава го прави, е со одредена каматна стапка. Секое задолжување се пари, кои граѓаните на таа држава потоа во годините што следат, ги враќаат на оној кој ги дава парите и тоа со камата. Најважното е како тие пари ќе ги искористи оној што управува со државата. Дали како Ковачевски и Заев, позајмените пари ќе исчезнат преку разни Фондови за иновации низ програми за тренирање на магариња, јавни набавки во четири очи, користејќи здравствени кризи како изговор за тоа… и многу други опции за цицање државни пари – впрочем СДСМ и ДУИ се врвни мајстори за тоа.

Или, пак, како во случајот на сегашниот премиер, Христијан Мицкоски, позајмените пари ќе се каже јавно кој ги дава, потоа ќе се каже јавно колку ќе чинат, поточно колкава ќе биде каматата, па ќе се каже јавно дека пласманот на парите ќе ги вклучи и домашните банки, за и тие да видат одреден бенефит, и на крајот ќе се каже јавно каде тие пари ќе завршат  – дел во локалната власт, ама само преку проекти со кои општините ќе конкурираат, и дел кредити за фирмите.

Јасно е која од двете горенаведени опции е вистинската, разумната. Јасно е која од двете опции ќе овозможи државата да стане попристојно место за живеење. Јасно е која од двете опции е транспарентна.

Впрочем, граѓаните на Македонија одлично го знаат тоа, затоа и си го кажаа своето на изборите пред околу половина година. Кога ќе размисли човек, најинтересно е како оние што гласаа на изборите и ја обезбедија убедливата победа на ВМРО ДПМНЕ, сега гледаат на предлозите и критиките кои ги упатуваат СДСМ и ДУИ?

Претпоставувам со длабок потсмев.

Автор: Дејан Николовски