ABBA следната година ќе објави пет нови песни

Легендарната шведска музичка група ABBA ќе објави пет а не две нови песни како што претходно се најавуваше, а новното повторно собирање е одложено за 2021 година, пренесува The Independent.

Култниот четиричлен бенд новите песни требаше да ги објави кон крајот на годинава, меѓутоа беа принудени плановите да ги одложат поради пандемијата на коронавирусот.

Џеф Лојд, коорганизатор на поткастот „Reasons to Be Cheerful“ за новинарите рекол дека еден час разговарал преку платформата Zoom со Бјорн Улвеус кој во моментов е во карантин на сопствениот остров во Стокхолмскиот архипелаг.

„Ми кажа дека снимиле пет нови песни. Требаше да бидат објавени уште кон крајот на минатата година, но поради техничките потешкотии и пандемијата на коронавирусот работите се одложени. Ми вети дека ќе излезат во текот на 2021 година“, појаснил.

Последниот студиски албум ABBA го објави во 1982 година, а три необјавени песни излегoa деценија подоцна во 1993 и 1994 година. Шведската музичка четворка: Улвеус, Бени Андерсон, Ани-Фрид Лигнстад и Агнет Фалтског, меѓународната слава ја стекнаа во 1974 година на Конкурсот за песна на Евровизијата со песнта „Waterloo“ кој стана голем светски хит.

Групата АBBA, формирана во Стокхолм во 1972 година, ја сочинуваа Агнета Фaлтског, Бјорн Улвеус, Бени Андерсон и Ани-Фрид Лингстад, во октомври 2016 година објавија дека цел на нивната соработка ќе биде реализирањето на оригинален проект во шоу-бизнисот, „кој ќе им овозможи на новата генерација поклоници, да ја слушната и почувствуваат (групата) ABBA така како што никогаш не можеле да ја замислат“.

Шведскиот квартет ABBA е еден од најпопуларните бендови во историјата на популарната наука. За десетте години од постоењето, бендот издаде осум албуми, а многубројни колекции од нивните најголеми хитови се издаваат и денес.

Групата којашто се проби на светската сцена благодарение на Евровизија во 1974 година и хитот „Waterloo“ изведуваше комбинација на поп песни, раскошни мелодии и добри аранжмани, како хитовите „Knowing Me, Knowing You“, „Take a Chance on Me“, „Dancing Queen“ или „Mamma Mia“ што ѝ помогнаа да продаде над 400 милиони плочи во светот. Обожавателите на ABBA годишно купуваат до 3 милиона носачи на звук со нивната музика.

Четворката на крајот се распадна, а двете брачни двојки Фрида Лингстад и Бени Андерсон, и Бјорн Улваеус и Агнета Фалтског, се разведоа.