Јачева-Улчар со отворено писмо до Заев и Димитров

Бугарија го сака истото што го доби Грција во Егејска Македонија – а кое вие здушно го поддржавте обезименувајќи го и нарекувајќи го македонскиот јазик – јазик различен од грчкиот што го зборуваат категорија граѓани во Грција!

Отворено писмо од проф. д-р Елка Јачева-Улчар (Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“) до премиерот Зоран Заев и до вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров:

Да не доаѓаа вестите однадвор и да не беа електронските медиуми, особено оние во Австрија, македонскиот народ не ќе знаеше ништо за вашите „преговори“ со Бугарија. Не ќе дознаевме ни дека во Загреб, во февруари оваа година, Р Бугарија додала анекс во кој македонскиот јазик останал без своето име. Не ќе дознаевме ни што сте договориле пред некој ден во Берлин!

Зошто? Зашто за разлика од некои други европски лидери, не излеговте во Собранието да го кажете исходот од вашата средба. Исто како што не сакавте преку народните пратеници во Собранието да го слушнете гласот на мнозинскиот македонски народ во земјава. И тргнавте во преговори по ист начин како и со Преспанскиот – ставајќи ги Македонците пред свршен чин.

Господине Димитров, бадијала бевте во јуни оваа година на промоцијата на МАНУ на која добивте примерок од книга со наслов: „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“. Доволно ќе беше само насловот да го прочитате за да сфатите дека МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, се простира подалеку од државните граници на Република Македонија, таков каков што нашите јужни и источни соседи не сакаат да го видот, па затоа толку упорно инсистираат на додавката „според Уставот на РМ“.
Бугарија го сака истото што го доби Грција во Егејска Македонија – а кое вие здушно го поддржавте обезименувајќи го и нарекувајќи го македонскиот јазик – јазик различен од грчкиот што го зборуваат категорија граѓани во Грција! Сте се согласиле дека сте подготвени да потпишете оти кодификацијата на македонскиот јазик се случила во 1945. Зошто ви била потребна подготовка за потпишување на еден ноторен факт? Или со ваквата „согласност“ сте се согласиле дека историјата на македонскиот јазик започнала од 1945 година без да земете предвид два факта познати во славистиката: дека во основата на старословенскиот јазик, тој јазик на кој светите браќа Кирил и Методиј ги превеле првите книги почива на македонски, а не на бугарски говори од околината Солун. Кога двајца големи слависти ја поставуваа оваа македонска теорија за основата на старословенскиот јазик, едниот од нив, Ватрослав Облак, својата студија ја наслови како „Македонски студии“, а не бугарски.

Подготвени сте исто како и со Преспанскиот да го потврдите членот 11 од „добрососедскиот“ Договор со Бугарија кој е тотално асиметричен и на штета на Македонците и на македонското малцинство во Пиринска Македонија. Вие великодушно се откажувате и од него и од македонскиот јазик што се говори во овој дел од Бугарија.

За потсетување: тоа е она малцинство за кое неодамна во Софија и самиот Бојко Борисов пред министерот Бујар Османи рече: „- Многу сум загрижен за вклучувањето на ОМО Илинден и на македонското малцинство во Бугарија во политичката резолуција во Европскиот парламент!“
Г. Заев, кажете му на вашиот пријател Бојко Борисов, дека по 75 години постоење на држава Македонија и македонски јазик ние Бугари не стануваме! Ако ова му било јасно пред повеќе од еден век (1903 г.) на бугарскиот академик и професор Иван Шишманов, тогашен министер на Кнежеството Бугарија, кој рекол дека „Македонија ако стане автономна, по десет години таму нема да постојат ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци, ќе постојат само Македонци.“, тогаш – во 2020 година – на Борисов би требало да му биде уште појасно!

Затоа престанете и повлечете се од преговарања за кои немате знаење, и со кои му правите огромна штета на македонскиот народ, на кој се повикувате! Доста со вашите погубни преговори за Македонија и Македонците. Ако не знаете, имате национални институции на кои основна задача им е чувањето на македонските национални интереси. За почеток прочитајте ја реакцијата на македонските лингвисти од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, закачена на неговата веб-локација, а по повод оној памфлет што Бугарската академија на науките го рашири по Европа под наслов за „Официјалниот јазик на Република Северна Македонија“. Угледајте се во нешто на нашите соседи! Преведете ја и пуштете ја до сите меѓународни институции! Вратете се дома и зборувајте со народните пратеници! Така постапуваат државниците кои ги штитат националните интереси на својата земја и на својот народ! Обидете се, барем, малку да му го зачувате достоинството на овој намачен, осиромашен и понижен народ и кажете ѝ НЕ на ЕУ во која еден голем дел од Македонците не сакаат да влезат тотално обезлични!
Во спротивно – не сте ништо друго освен предавници на своите предци и на своето потомство со запустен корен поради вашите погубни политики!