Адриа ервејс казнета поради манипулација при продажба на авиобилети

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Пазарната инспекција ја казни словенечката авиокомпанија „Адриа ервејс“ поради манипулирање со потрошувачите при продажба на авиокарти, пренесува „Ал Џезира Балкан“.

Инспекцијата констатира нефер деловна практика при продажба на авиобилети, бидејќи компанијата им продала билети на потрошувачите на 24 и 25 септември за летови во четврток и петок, 26 и 27 септември, иако ситуацијата беше неизвесна и авионите на „Адриа“ веќе беа приземјени.

Пазарната инспекција ги советува патниците да ги следат летовите и да се одлучат за оние компании кои имаат загарантирани летови при купување на билетите.

„Адриа ервејс“ во петокот соопшти дека откажува голем број летови за викенд и понеделник поради финансиски проблеми.

Претходно, во вторникот компанијата објави дека ги прекинува летовите за два дена и дека е во преговори со нови потенцијални сопственици.

Во четвртокот и петокот компанијата откажа 158 летови, со што беа погодени повеќе од 3.700 патници.

Словенија во 2016 година ја продаде „Адриа ервејс“ на германскиот инвестициски фонд 4К Инвест.

Компанијата тогаш ги продаде сите авиони и користеше изнајмени за летови кон европски дестинации, како Германија, Франција, Холандија, Белгија, Австрија и кон балканските земји.

Словенечката агенција за цивилен промет ЦЦА и даде рок на компанијата до 2 октомври да го претстави својот финансиски план за да може да ја задржи дозволата за работа.