Адвокатите со нови повици за пензионирање на поротничката во „ТНТ“

Судскиот совет бомбардиран од писма и апели од адвокатите во ТНТ. За три дена, бранителот на поранешниот градоначалник на Гази Баба му испрати уште едно писмо на Киро Здравев да свика итна седница за пензионирање на поротничката Лилјана Ивановска Кочковска.

Јовица Страшевски бара од најмоќното правосудно тело да му укаже на Кривичниот суд дека според него е незаконски поротничката да продолжи да суди, бидејќи на 24 декември е денот кога и почнуваат пензионерските денови.

„Дали претседателот на oсновниот Кривичен суд има законска можност да го повика ова лице на било кое рочиште закажано по 24.12.2019 година? Нема! член 81 од законот за судовите е дециден и јасен: кога против судија –поротник се спроведува истрага или е поведена постапка за престанок на функцијата, претседателот на судот нема да го повика да ја врши функцијата судија-поротник“ – вели Јовица Страшевски – адвокат.

Страшевски со писмо вчера ја предупреди и поротничката дека ако се појави на судење, а требало да е во пензија ќе направи кривично дело. Засега нема коментар ниту од Кривичниот суд, ниту од Судскиот совет.

Судијата Огнен Ставрев кој го води процесот уште во текот на последните рочишта препозна обид за блокирање и враќање од почеток назад и порача дека набиената агенда на закажани рочишта е поради почитување на правото на судење во разумен рок. Овој случај за уривање на Космос се води речиси две години и доколку не падне пресуда пред пензионирање на поротничката, случајот ќе се врати на почеток. Одбраната вели дека тоа е помалото зло во овој случај.

Од друга страна и адвокатот Мерџан Даути по втор пат бара превод на сите документи на албански јазик.

Судиите препознаваат обид за одолговлекување на постапката во која во отсуство му се суди и на поранешниот премиер Никола Груевски, неговиот сопартиец Миле Јанакиески и уште шест лица, за уривање на Космос од политичка одмазда.

Дополнителна неизвесност за овој случај создава и изборот на нови апелациони судии. И двајцата судии во случајот Осман Шабани и Огнен Ставрев ги меркаат судиските места во повисокиот суд. Доколку не падне пресуда во меѓувреме, прашање е што ќе се случува со предметот ако некој од нив е избран да суди во Апелација.