АЕК на Табановце ќе информира за поевтиниот роаминг

Граѓаните кои патуваат во соседните земји каде се спроведува одлуката за пониски цени во роаминг, денеска на граничниот премин Табановце ќе бидат информирани за условите и начинот на користење на роамингот.

Надлежни од Агенцијата за електронски комуникации и директорот на Агенцијата Роберт Ордановски ќе информираат за новите поволни цени, како за начинот на избегнување на високите сметки кои се чести при патувањето.

Одлуката за пониски цени во роаминг во мобилната телефонија помеѓу Македонија, Србија и Босна и Херцеговина и Црна Гора почна да се применува од вчера.

Според договорот, за минута појдовен повик се наплаќа по 17,9 денари, а за дојдовен по пет денари. СМС-порака се испраќа за 5,5 денари, а мегабајт интернет чини 43 денари. Цените се без пресметан ДДВ, а  ќе важат до 30 јуни следната година, по што ќе следи ново намалување. Тогаш минута разговор треба да се наплаќа за 14,76 денари, СМС порака 4,92 денари, а мегабајт интернет 27,6 денари. Од 1 јули 2017 година, пак, цената за минута разговор треба да чини 11,6 денари, СМС-пораката да се намали на 3,7 денари, а интернетот до 12,3 денари за 1МБ.