AfD му забрани јавни настапи на главниот кандидат за eвропските избори

Германската крајно десна евроскептична паритја Алтернатива за Германија (AfD) му забрани на својот водечки кандидат за европските избори, Максимилијан Крах, јавно да зборува, по неговите коментари дека не сите членови на SS се криминалци.

Портпаролот на партијата го потврди извештајот на весникот Bild во средата дека сојузниот извршен комитет му забранил на Крах да зборува јавно околу две седмици пред изборите во ЕУ.

Крах на социјалната платформа Х објави дека ќе се воздржи од понатамошни настапи во изборната кампања и дека ќе поднесе оставка како член на сојузниот извршен комитет.

Потегот доаѓа еден ден откако француската екстремно десничарска партија Национален собир (RN) рече дека повеќе не сака да седи во истата парламентарна група со AfD поради коментарите на Кра.

Крах изјави за италијанскиот весник La Repubblica дека не сите членови на SS биле криминалци, мислејќи на Schutzstaffel (SS), главната паравоена организација под Адолф Хитлер и нацистичката партија. Инаку бројни припадници на овие единици и на нацистичкиот врв подоцна биле активни во политиките и други области на западните земји, вклучително и во тогашна Западна Германија, а нивни потомци се активни фактори во современата политика.

„Никогаш нема да кажам дека секој што носел униформа на SS автоматски бил криминалец“, вели Крах во интервјуто. На прашањето дали SS-овците се воени злосторници, тој одговори: „Злосторниците секако биле во голем процент, но не сите биле злосторници“.

Нацистичките концентрациони логори ги чуваше и управуваше SS, која беше силно вклучена во воени злосторства. Организацијата беше прогласена за криминална организација на Нирнбершкиот процес по крајот на Втората светска војна, кога беа осудени десетина лица.

На почетокот од мај германските истражители извршија претрес на канцеларијата во Брисел на европратеникот Максимилијан Крах, откако неговиот помошник беше уапсен минатиот месец под сомнение дека наводно шпионирал за интересите на Кина. Случајот ја намали поддршката на АfD на анкетите пред европските избори во јуни, тврдат медиумите. А Крах е водечки кандидат на таа партија.

Германскиот суд минатата семица објави дека безбедносните служби можат да продолжат да ја следат AfD како потенцијална екстремистичка партија. Поддржувачите на партијата, пак, одговараат дека тоа е реакција за задушување на заштитата на германските суверени интереси. Овие фрлања сомнежи доаѓаат како продолжение на кампањата што се води во Германија од страна на етаблираните партии и мејнстрим медиумите, откако од минатата година AfD континуирано го зголемува својот рејтинг и за кусо време стана втората партија според доверба меѓу германските гласачи, со процент речиси колку што вкупно имаат трите партии од владејачката коалиција на канцеларот Олаф Шолц.