Афера Сторми Даниелс: Трамп нема да оди во затвор, но пресудата му останува во досието

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп нема да оди во затвор или да плати парична казна по пресудата за тајна исплата на порно-ѕвезда, пресуди судијата во петокот, но пресудата за вина ќе остане во неговото досие.

Во мај, Трамп беше осуден во Њујорк по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни досиеја во врска со исплата од 130.000 долари на порно актерката Сторми Даниелс за да молчи за нивната наводна врска од 2006 година во периот пред да ја објави својата кандидатура на претседателските избори во 2016 година на кои изненадувчки ја победи фаворизираната демократска кандидатка Хилари Клинтон.

Судијата Хуан Мерчан пресуди дека 78-годишниот Трамп, по откажувањето на обвинителот, ќе биде безусловно ослободен и го затвори случајот за непријавено плаќање на порно-ѕвездата.

Овој случајот, еден од неколкуте покренати против Трамп, беа започнати по неговата најава дека ќе се кандидира за враќање во Белата куќа, што тој го критикуваше како политички прогон. Сепак, се чини дека овие судења му помогнаа во остварување на надмоќната победа на изборите во ноември 2024 година, кога се соочи со потпретседателката на заминување Камала Харис.

Пресудата во случајот Сторми Даниелс е донесена само десет дена пред инаугурацијата на Трамп на 20-ти јануари.

Судот ќе му одобри на Трамп безусловно ослободување, што, според законот на сојузната државаа Њујорк, не повлекува „затвор, парична казна или период на надгледувана условна казна“. Но, пресудата за вина ќе остане трајно во досието на Трамп.

Трамп, придружуван од својот адвокат, се појави виртуелно преку видео-конференциска врска на изрекувањето на пресудата за кривичното дело. Тој се изјасни за невин и вети дека ќе поднесе жалба на пресудата.

„Тоа беше политички лов на вештерки. Ова беше направено за да се наруши мојот углед за да ги загубам изборите, а тоа очигледно не функционираше. Јас сум целосно невин, не направив ништо лошо“, рече Трамп пред изрекувањето на пресудата.

Сега, откако е изречена пресудата, тој може да поднесе жалба, процес кој може да трае со години и да се одвива додека тој го отслужува својот четиригодишен мандат како претседател.

Трамп продолжува да тврди дека приказната за Сторми Даниелс е лажна и дека не направил ништо лошо. Судијата Хуан Мерчан, кој претседаваше со шестнеделното судење, претходно посочи дека не планира да го испрати Трамп во затвор или да го казни. Оваа пресуда ја означува кулминацијата на првото кривично судење против американски претседател.

Доналд Трамп е првиот поранешен претседател на САД кој е обвинет и првиот поранешен претседател прогласен за виновен за кривично дело.