Само две седмици пред почетокот на продолжувањето на сезоната, Австрија ја тресе голема фудбалска афера во која водечкиот тим на табелата ЛАСК е обвинет за кршење на правата за епидемијата од коронавирусот, додека, пак, клубот од Линц се жали дека бил жртва на индустриска шпионажа.
Дури 11 од 12-те австриски проволигаш го обвинија ЛАСК за кршење на правилата за тренирање во текот на епидемијата на коронавирусот. Клубовите до водството на лигата доставиле видео записи кои „јасно покажуваат дека Линц ги игнорирал насоките за тренирање во мали групи“.
„Видеозаписите јасно покажуваат дека ЛАСК ги пренебрегнал насоките за тренинг во мали групи коишто ги постави министерството за спорт“, се наведува во заедничката изјава на клубовите.
Австрија беше една од првите земји којашто ги дозволи тренинзите, а на почетокот од седмицава беше објавено дека првенството ќе продолжи на почетокот од јуни.
„Навистина многу сме разочарани, бидејќи изминатите неколку седмици правевме сѐ што можевме за продолжување на тренинзите и натпреварите според правилата кои важеа за сите клубови“, порачаа од виенска Австрија.
Од редовите на актуелниот првак РБ Салцбург, пак, порачаа дека се „шокирани и вчудовидени“ од пристапот на ЛАСК. „Очигледно не сите клубови и поединци се свесни за оваа голема одговорност“, додаваат од Салцбург.
Директорот на Линц, Андреас Протил, за новинската агенција APA изјавил дека двајца мажи провалиле на теренот за вежбања на клубот во текот на ноќ и поставиле камери за видео надзор, додавајќи дека инцидентот е пријавен во полицијата.
„Шокирани сме од тоа што очигледно постојат лица кои се подготвени да провалат во просториите на нашиот клуб за да изведат индустриска шпионажа. Сторителите се снимени и сега полицијата ги истражува“, изјавил Протил.
Агенцијата објави дека водството на австриската лига, исто така, го истражува инцидентот.
Австриското првенство беше прекинато на 8-ми март, откако заврши првиот дел од првенството од 22 кола. Преостанува уште борбата на првите шест клубови за титулата, и на преостанатие шест за опстанок во лигата. Во водство е ЛАСК со 27 бодови, пред РБ Салцбург со 24 и Рапид со 20 бодови.