Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го доби писмото од претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, во врска со проблемите во работењето на оваа судска истанца во земјата.
„Собранието, согласно своите уставни надлежности е информирано за истекот на мандатот на уставните судии, односно Собранието, по предлог на Комисијата за избори и именувања избира уставни судии од редот на истакнати правници во Република Македонија. Имајќи предвид дека се опструира работата на Комисијата за избори и именувања (преку изигрување на процедура и примена на методи кои што Претседателот на Собранието ги има елаборирано пред јавноста), предлозите на членовите на Комисијата не може да добијат зелено светло за истите да бидат разгледани на пленарна седница на Собранието и во моментов Собранието не може да избере Уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд“, информира Собранието.