-Според законот, не може да има два опозициски субјекта во состав на Владата и тоа е основната причина зошто е предложено разрешувањето на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу. Воопшто не станува збор за нивната стручност и професионалност кон што имам исклучителна почит. Одлуката ја носи Парламенентот, рече денеска техничкиот премиер Талат Џафери пред пратениците, образложувајќи го барањето за нивно разрешување од Алијанса за Албанците (АА).
Се обрати и министерот Меџити, порачувајќи и на ДУИ дека „политиката е средство за помош на граѓаните и за подобрување на состојбите, а не средство за реализирање лични интереси“. Тој ги повика пратениците уште еднаш да размислат пред да ја донесат одлуката за неговото разрешување.
Меџити повтори дека работел чесно и посветено. Се додека не се искорени политичкиот и личниот интерес, рече, оваа држава нема да напредува.
-Оставам на вашата совест, да размислите пред да донесете одлука за министер кој вложува и работи за доброто на сите. Покажав како треба да се работи, покажав како е да се бори еден министер за она што верува и сака да го спроведе. Не бегав од проблемите, туку влегував во оган за да ги решам прашањата од кои сите пред мене бегале и ги ставале „под тепих“. За ова сум горд и знам дека повторно ќе имам можност да продолжам каде што застанав. Се покажа дека не сите имаат иста цел како мене во Владата, се покажа дека ДУИ преку нивните министри до крај реши да политизира, да попречува и да блокира, реши до крај да оди против интересот на граѓаните и да го штити својот партиски интерес. На функицонерите од СДСМ сакам да им порачам, размислете колку е пониживачки за вас да бидете неми набљудувачи на ова што го прави ДУИ против интересот на граѓаните. Немото соучесништо е најлошата форма на поддршка за ваквите постапки. Од утре натаму одговорете им на граѓаните зошто не се реализираат 1.117 вработувања за кои се борев, зошто се кочат катните гаражи со кои требаше да го средиме хаосот на Клинички центар – истакна Меџити.