Џафери негира дека добил УСБ

И претставниците на власта и екс-премиерот Никола Груевски го демантираат ВМРО-ДПМНЕ дека токму тој бил креаторот на измените на Кривичниот законик. Спикерот Талат Џафери негира дека добил било какви материјали од Груевски. Неговиот одговор следува откако раководството на ВМРО-ДПМНЕ обвини дека поранешниот премиер го напишал текстот на измените, па преку УСБ во плико ги испратил до Џафери, претседателот на ДУИ Али Ахмети и на уште една адреса, без да прецизираат која. Според Џафери, станува збор за шпекулација која служи за дефокусирање на јавноста од важните теми.

„Тоа е невистина, којашто само служи за дневна политика. Собранието добива материјали од овластени предлагачи, во форма којашто е пропишана со Деловникот. Понатаму не би сакал да користам несоодветни зборови коишто ги заслужува ваквата инсинуација“, вели Џафери.

Груевски за првпат од 2019-тата година реши преку видео повик вчера да се обрати до македонската јавност. Тој во интервју за Инфомакс, освен што негира дека ги пишувал измените, додаде дека ако веќе тој бил творецот на новиот Кривичен законик, немало да се обиде да се спаси само за еден случај, туку за сите предмети кои се покренати против него.

„Не постои такво нешто. УСБ може да направи секој, можам јас да го направам за 15 минути. Може било кој човек да го направи за 15 минути и да каже дека е УСБ што го пратил Груевски итн. Така што тоа се некои удбашки методи, некои работи што сум изненаден ги гледам од луѓето со коишто толку многу години соработував, коишто во овој период треба да се многу пофокусирани да ја срушат оваа Влада“, наведува Груевски.

Според дел од шпекулациите кои изминатиов период се пласираа во јавноста, измените на Кривичниот законик наводно биле дел од политички договор, кој предвидувал Груевски да и помогне на власта да обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени. Сепак, вчера Груевски, на иста линија со раководството на партијата, кажа дека е против ваквиот предлог на власта за промена на Уставот.

Инаку, претходно Мицкоски, а последно и потпретседателот на партијата Александар Николоски, обвинија дека зад измените на Кривичниот законик стои Груевски. Николовски, во емисијата 360 степени, покажа УСБ, за кое тврдеше дека е доказ за нивните наводи. Од друга страна, Груевски кажа дека ова е брутален напад кон него, а додека ВМРО-ДПМНЕ е ослабена како партија, тој ќе се воздржи да сподели информации коишто би предизвикале дополнителна штета на партијата.