Џафери вели дека за еден месец, кој сака може да извади лична карта

Техничкиот премиер Талат Џафери денеска на новинарско прашање на прес-конференција во Владата одби да одговори конкретно дали граѓаните на парламентарните и претседателските избори ќе може да гласаат доколку не успеат да ги обноват личните документи.

Државната изборна комисија претходно побара пасошите со старото уставно име да бидат валидни за идентификација на денот на гласање доколку не се истечени,во ситуација ако граѓаните нема да успеат навреме да ја променат ниту личната карта.

Џафери единствено рече дека според динамиката на издавање на лични документи што ја добил од МВР, констатирал дека на еден граѓанин му е потребно еден месец да дојде до нова лична карта од моментот откако ќе го иницира тоа.

„Статистиките на дневна осонова зборуваат дека од 1 до 29 февруари имало вкупно 123.983 за патни исправи, од кои изготвени 95.267, ова е показател за динамика на работа, значи за месец дена повеќе од 95.000. Барања за лични карти биле 82.235, а издадени 71.410.

Има упште 50 дена до изборите ,со оваа динамика,100-те илјади што немаат документи,по оваа динамика во текот на март можат сите да се опремат со соодветни документи,но граѓанинот треба да иницира барање, ако нема лична карта. Значи еден граѓанин за еден месец може да извади документ“, рече Џафери , но не кажа конкретно кога ги поднеле барањата граѓаните што добиле документи во текот на февруари.

Поранешниот претседател на СОбранието рече дека во овој период ќе му се оставело простор за иницијатива на граѓанинот, а понатаму ќе се размислувало каква одлука да се донесе од Владата.