Африканско првенство: По пенали, Нигерија во финалето

Првиот финалист на Африканскиот фудбалски шампионат, што се одржува во Брегот на Слоновата Коска, е репрезентацијата на Нигерија која по изведувањето на пенали ја совлада Јужноафриканската Република со вкупен резултат од 5:3.

Нигерија по осми пат во својата историја се пласираше во финалето на континенталниот шампионат. Трипати ја освојуваше титулата, последен пат во 2013 година. Четири пати беше поразена во финалето, а овојпат за титулата ќе игра против подобриот од мечот меѓу домашната селекција на Брегот на Слоновата Коска и ДР Конго.

По 90 минути Нигерија и Јужноафриканската Република одиграа 1:1, а тој резултат остана и по вкупно 120 минути. Нигерија поведе во 67. минута кога Труст-Еконг реализираше пенал.

Неверојатна ситуација се случи во 85. минута кога по опасната ситуација во шеснаесетникот на Нигерија дојде до контранапад, кој Осимхен го круниса со гол од непосредна близина за 2:0. Потоа судијата ја прегледуваше снимката од тоа што се случуваше претходно во шеснаесетникот на Нигерија, па се случил прекршок на Јусуф за пенал. Голот на Осимхен за 2:0 беше поништен, а Мокоен реализираше пенал за 1:1 во 90. минута.

Во продолженијата немаше голови, а во 115. минута играчот на ЈАР, Кекана заработи црвен картон по прекршокот на работ од шеснаесетникот. Не беше досуден нов пенал, туку слободен удар, по кој резултатот не се промени.

Следеше продолжението на драмата кога беа изведувани пеналот, а трагичари на Јужноафриканската Република беа Мокоена и Макгопа кои не го реализираа пеналот. Голот за пласман на Нигерија во финалето го постигна Ихеаначо.

Натпреварот за третото место е закажан за в сабота од 21 часот, додека во истиот термин ќе се игра и финалето, но ден подоцна.