Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски и се извини на јавноста и рече дека ќе биде повлечен тиражот на збирката „Млади поети“ кои се уште не е диструбиран, а во која се објавено две песни со контроверзна содржина.
„Во овие две песни има недолична содржина. Според мене, содржината дискриминира и шири говор на омраза и јас како директор на Агенцијата за млади сум против ваква содржина и го сметам за грешка. Агенцијата за млади ја почитува слободата на говор, но истовремено се противи на каков било говор на омраза и дискриминација базирана на родова, етничка или каква било друга основа“, рече директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
Каевски вели дека пред објавувањето на збирката била ангажирана надворешна комисија која требала да направи евалуација на трудовите. Тој цитираше членови од решението за формирање на стручната комисија во кои стои дека комисијата треба да изврши селекција на песните и за тоа ќе го информира директорот на Агенцијата.
„Моите очекувања беа дека овие членови на стручната комисија ќе реагираат и нема да дозволат ваква содржина да биде објавена. За жал, тоа не се случи“ вели Каевски.
Каевски рече и дека денеска разговарал со претседателот на комисијата. Тој му рекол дека не знаел дека треба да прават селекција и да отфрлаат песни. Исто така, го застапувал ставот дека треба да има слобода во изразот и во говорот.
Каевски кој е потпишан како уредник на збирката, вели дека потписот го ставил за постапката, а не за содржината на песните. Тој неколку пати истакна дека чувствува морална одговорност, и најави дека ќе истражи за да се утврди каде е вината за пропустот.
„Јас не ја насочувам вината само кон Комисијата, туку ја насочувам и кон мене како директор и затоа реков, ќе направиме се што е можно да ја детектираме вината. Секој што треба да одговара, ќе одговора – вклучително и јас“ рече Каевски.
Од планираните 50 илјади примероци биле испечатени 5000 и вчера почнала нивната дистрибуција. Оние примероци што не се дистрибуирани, ќе бидат повлечени. Тие чинат 150 илјади денари – штета што ќе ја плати одговорниот за овој случај.
Проектот во Агенцијата за млади и спорт се спроведува веќе 4 години. Во збирките, секоја година биле објавувале сите песни кои пристигнале на конкурсот.