Ах, одвратна ли неподносливост на македонското постоење!

Платите на функционерите ќе се зголемат за лудачки 78 отсто. Да, да, лудачко зголемување. Луѓе умираат зошто државата НЕ ДАВА пари за лекови и урниса се’ во здравството и тоа си го плаќаме со нашите бедни животи. Ама они дебело ќе се офајдат.

Уф бре, нека ти е лесна црната земја Благојче Илиевски, и нека ти е светол патот во вечноста. Бог да те прости. Ним не им гајле за тебе и за загубата на твојот млад живот. Очајно ти требаше таа пуста Трикафта, пуста да остане. Да имаа барем тронка доблест во себе Димитар Ковачевски, и неговите министри, но и Стево Пендаровски, Артан Груби и Талат Џафери, сега ти ќе беше меѓу нас.

Ним им е гајле само за џебот. Како да го наполнат со нашите пари. И патем со тие наши пари да си платат самопромоција и лајкови од нивните гнасни и лигави партиски потрчковци.

Стево Пендаровски ќе бутне в џеб 72.500 денари плус, на неговата плата од околу 93.000. Така, нашата „енглеска краљица“ секој месец ќе лапа по лудачки 165.000 денари плата. Мрсничко ќе се офајди и Димитар Ковачевски. Цели 50.000 денари, па ќе дотурка до околу 2.000 евра месечна плата. Плус бизнисите со фотоволтаиците. Ама, тие биле на неговата сопруга. Да, ама ако утре, не дај боже се разведе, бидејќи е стекнато во брак законски му следува половина. Ама да, уствари на неговата сопруга е бизнисот. Како и Диме наш кумановац, ќе се омрси во сред пост и Артан Груби. Малку е досега што се офајди и тој и цело негово семејство. Уште овие му фалеа. Талат Џафери, и тој ќе лапа мрсно во сред пост, ама патем и син му го среди, правник да биде со сите нишани.

Ох, Благојче Илиевски, фиданко непрежалена, каде ќе им оди душата?

Но, нејсе. Најважната работа во нашата здробена и напатена Македонија се дебелото зголемување на платите на Стево Пендаровски, Димитар Ковачевски, Артан Груби, Талат Џафери и нивните подопашници.

А, ти Јана Христовска, пролетен цвету, овенат во сланата и отровот на овие, душо рајска чиста и невина, светол нека ти е тебе патот јагне на мама и тато непрежалено. Ним не им гајле за тебе. Не допираш до нив. Парите допираат. Да, да, парите земени од твоите мама и тато… парите земени од сите нас. Тоа им е ним најважно. Твојот бесценет детски живот, кој допрва требаше да се радува на убавините, не ги интересира. Не им гајле како згасна, како го снема, како те земаа од мама и тато ангелу мил непрежален. И не верувам дека некогаш ќе дознаеме зошто те нема повеќе пиле недолжно мало.

Да пишувам за учениците дека немаат учебници е помалку важно, дека немаме пари месецот да го поминеме, ма и нека немаме, ќе се снаоѓаме, има макарони и јајца поевтини за денар-два, ама како да ги прежалиме животите млади засекогаш изгубени, само поради алчноста, ненаситноста нивна гнасна.

Ох бре, еден е Господ, гледа се’!

Грутка во грлото држиме, горчина во устите имаме, студен камен околу вратот носиме.

Важно на сметките за струја се испрчија да напишат со болдирани букви дека милата ни влада не спасува со милосрдно субвенционирање. Инаку, кај ќе ни биде крајот на маките со есапот?

Ние, обичните, напатените, национално уништените, осиромашенте, угнетените, оставени од најшите најмили кои спасот го најдоа во бегството од оваа тиња земја, обрасната со коров… ќе си паметиме! И да, на најважниот нивни ден ќе си приспомнеме! Да, да ќе си спомнеме за сите злосторства нивни врз нас. И тогаш ќе си го кажеме своето зошто нив да ги нема, зошто заслужуваат ужасна политичка смрт, зошто треба да ги фрлиме на буништето од политичката историја, и зошто таму со гнасни букви ќе биде испишано нивното име и презиме. Да се знае зошто се таму, зошто се закитени со скапан и трул плот, и зошто никогаш повеќе не треба да ги има.

За Јана, за Благојче… за 14-те живи изгорени во тетовската модуларна болница, за 16-те починати во автобуската несреќа кај Ласкарци, за 46-те умрени во автобусот кој се запали во Бугарија, … и сите останати објавени и необјавени, кои заминаа во вечноста, господ нека им ги прости душите напатени!

Нема да заборавиме, се’ ќе си приспомнеме на вашиот Д ден, кога ќе молите, ќе се лигавите и безочно ќе лажете за глас повеќе!

Автор: Дејан Николовски