„Братска средба со релаксирачка атмосфера“ – вака беа оценети синоќешните разговори на албанскиот премиер Еди Рама и лидерите на партиите од албанскиот блок од Македонија. А, дел од учесниците на средбата потврдија дека на маса биле ставени и дилемите околу уставните измени.
„Наздравје! Нека биде добра година за Албанците, каде и да се“, напиша албанскиот премиер Еди Рама синоќа на Фејсбук, објавувајќи фотографија од средбата со лидерите на албанските партии во Македонија, на која им наздравува на своите гости.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во изјава за „Клан Македонија“ оцени дека средбата поминала во позитивен и братски дух и порача дека Северна Македонија и Албанија имаат заедничка иднина во Европската Унија, но и заеднички предизвици кои ги очекуваат двете земји во овој период.
„Без Албанците нема Македонија“, вели Ахмети.
Тој го потенцираше заминувањето на младите од Северна Македонија и од Албанија во европските земји, а за ова да се спречи стандардите на двете земји треба да се усогласат со оние на земјите од ЕУ. Ахмети е дециден дека уставните измени нема да му наштетат на македонскиот идентитет, туку напротив ќе го зајакнат.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари оцени дека средбата повеќе наликувала на релаксирачка вечера за почетокот на годината, а на неа се разговарало за предизвиците кои ги очекуваат Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ.
Тој рече дека нема партија од албанскиот блок во Северна Македонија која е против интеграција на земјата во Европската Унија, односно дека партиите на Албанците ги поддржуваат уставните измени. Слична изјава даде и лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи кој рече дека средбата поминала со разговор во чиј фокус била заедничката иднина на двете земји во ЕУ.
„Братска средба. Зборувавме за нашата заедничка иднина на патот кон Европската Унија, а не за нешто поконкретно“, рече Тачи.
ВМРО-ДПМНЕ со сомнеж гледа во тиранската средба. „Никакви средби, и спроведување на туѓи агенди нема да го спасат од катастрофален пораз Димитар Ковачевски и СДС на следните предвремени парламентарни избори. Целосниот молк од страна на СДС за средбата во Тирана, е само уште еден доказ дека оваа средба е по барање на Ковачевски за спас на неговата кариера“, велат од партијата. Според нив, оваа средба е токму на барање на Димитар Ковачевски за да добијат помош за продолжување на мандатот, а за возврат да се реализираат други агенди на штета на Македонија.
„СДС и Ковачевски треба да одговорат дали од средбата во Тирана на маса ќе добијат повторно штетни договори, кои за спас на своите кариери беспоговорно ќе ги прифатат? Државните прашања и националните интереси, како и одлуките за државата се носат во Македонија и македонското Собрание“, велат од партијата.