Ахмети му порача на Заев дека ќе му исчезне насмевката

Ниту лидерот на СДСМ, Зоран Заевм ниту другите нема да го имаат задоволството да ја видат ДУИ во опозиција. Ќе ви исчезне насмевката на усните на 15-ти јули, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети во емисијата Изборни дебати на ТВ21.

Според него, другите не сакаат да ја пратат ДУИ во опозиција, туку сакаат да ги пратат Албанците во опозиција.

„Не е прашањето ДУИ да се испрати во опозиција, бараат Албанците да ги пратат во опозиција, се уште мислат дека Албанците се дрвосечаци, сѐ уште ги гледаат Албанците како собирачи на отпад а не на врвот на власта со која раководат успешно 18 години“, истакна Али Ахмети.

Изјавата за размена на пратеници на лидерот на СДСМ Зоран Заев со Христијан Мицкоски за да не се прифатат условите на ДУИ за премиер Албанец, Али Ахмети ја смета за „опасна“ и како „потпалување оган“.

Ахмети рече дека доколку македонскиот кампус се обедини, тогаш и блокот албански партии ќе се обедини.

Во врска со барањето на медиумите за јавна дебата со лидерите на албанските политички партии, Ахмети рече дека тоа може да се случи тогаш кога албанската опозиција ќе избере свој претставник. За дебатата меѓу кандидатите за премиер, Ахмети смета дека Мицкоски и Заев немаат капацитет да се соочат со албанскиот кандидат за премиер, Насер Зибери.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во гостување во Изборни дебати на ТВ21, рече дека лично не ја слушнал „бомбата“, но вели дека тоа е голема навреда.

„Ако е вистина, не знам дали има поголема навреда за Албанците, ако тој вели – остави ги Албанците, бидејќи тие се продаваат за пет пари. Со ова на Албанците им се навредуваат и коските во гроб. Дај Боже да не е вистина“, истакна Али АХмети.

Првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, потврди дека на аудио-снимката се слуша негов глас, но вели дека не мислел на Албанците, туку на ДУИ.

„ДУИ не вредат пет пари на пазарот на гласови. Тоа е мојот став денес, беше мој став и тогаш, во времето кога е снимен разговорот објавен денеска. Имаа 20 пратеници, се преполовија на 10, на овие избори ќе имаат уште помалку. Јас сум ја покажал и докажал мојата љубов и почит кон Албанците на дело. Не само зборови, туку и на дело“, посочи Зоран Заев.

Во однос на аудио-бомбата, Заев за ТВ21 рече дека нејзиното објавување нема да го демотивираат да продолжи со својот концепт „Општество за сите“.