Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на денешното сведочење за случајот „Монструм“ кака дека за петкратното убиство кај Смилковкото езеро дознал наредниот ден и оти имал повеќе разговори со негови соработници, како и со претставници на меѓународната заедница, со цел да не се злоупотреби настанот.
Стравувал дека овој случај може да доведе до судири и несакани случувања.
Бевме вознемирени и сакавме да ја знаеме вистината за овој настан. Сите на некој начин бевме исплашени да не ескалира ситуацијата и дојде до судир, кажа Ахмети.
Тврди дека тој и ДУИ давале придонес да се расчисти случајот. За тоа побарал поддршка и од претставници на САД и ЕУ, како и меѓународен мониторинг на судскиот процес.
Во изјавата за медиумите по сведочењето, Ахмети рече дека побарале повторување на судењето со меѓународен мониторинг за да се утврди вистината.
Ние очекуваме судските власти да го разработат и да го расветлат случајот. Само така може да најдат мир тие што ги загубија своите најмили. Сме разговарале со политички авторитети затоа што политичките авторитети, политичките партии имаат одговорност за да ја менаџираат ситуацијата и на крај наша проценка беше дека постапката мора да се повтори со биолошки, со материјални докази, на најтранспарентен начин за целата јавност, затоа што овој случај е навистина трагедија и ако не се расветли така како што треба може да има последици. Затоа некој бара ова да го искористи за политички цели со најлоши намери за да ги стави двете страни во конфликт, кажа Ахмети.
ДУИ, според него, како политичка партија платила висока цена, сите ги обвинувале дека се поврзани со случајот и затоа, вели, никој повеќе од нив не сака да се расветли случајот.
Освен Ахмети, како сведок треба да се појави и неговиот сопартиец, обвинителот Џелал Бајрами, кој во 2012 година, кога се случи масакрот кај Смилковско езеро ја вршеше функцијата заменик-министер за внатрешни работи. На денешното рочиште треба да севдочи и вицепремиерот Бујар Османи.
На претходните рочишта за случајот „Монструм“ сведочеа и лидерот на СДСМ Зоран Заев и поранешната министерка за внатрешни работо Гордана Јанкулоска.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Судскиот процес го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.