АХВ: Не се најдени неправилности по пријавата за труење со храна во тетовската фабрика „Леар“

Инспектори за храна од Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со Санитарната инспекција, во текот на саботата ден направија вонредна инспекциска контрола во фабриката „Леар“ во Тетово, каде 23 лица пријавиле лесни симптоми на труење со храна, известуваат од Агенцијата во неделата.

Кон крајот на март во тетовските погони на оваа компанија над двесте лица, исто така, се пожалија на лесни симптоми од затруеност со храна, што беше предмет на истрага и на локалните здравствени власти и на тетовското обвинителство.

Во саботата инспектори од АХВ направаиле вонредна контрола во мензата каде се послужувала храна за вработените, при што е констатирано дека храната била дистрибуирана, чувана и послужена во услови на соодветен температурен режим, во оригинално пакување, со адекватен рок на употреба.

Со извршената контрола во мензата каде се послужувала храната утврдено е дека таа ги исполнува соодветните хигиенски услови, поради што не е изречена мерка за нејзино времено затворање.

За да се утврдат причините за појавата на труењето, од страна на инспекциските служби земени се мостри за лабораториско испитување од храната која била послужена, од работните површини во мензата, како и од вработеното лице кое ја послужувало храната, а на кое му било извршено и дополнителен здравствен преглед.

Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи да го следи случајот и да ја информира јавноста за секоја новсот врзана со него.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство апелираат во услови на високи температури и зголемен ризик од расипување на храната и појава на труења, граѓаните да внимаваат од каде купуваат храна, односно да ја набавуваат од регистрирани оператори, каде се запазени безбедносните критериуми, како и да водат сметка на личната и хигиената при подготовка и чување на храната.

Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната граѓаните можат да ја пријават во Агенцијата лично, на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22 или на електронската адреса [email protected].