AI: Украинската војска ги загрозува животите на цивилите

Украинската војска ги изложувала цивилите на опасност кога ги поставувала своите воени бази и позиции во згради во коишто се сместени училишта и болници, како и со нападите од населените области за да ги одбијат руските напади, објави во четвртокот меѓународната организација за човекови права Amnesty International.

Со таквото однесување, на што од почетокот на својата инвазија предупредува руското министерство за одбрана воедно и за држењето на цивилното население како „човечки штит“, се крши меѓународното хуманитарно право, правилата на војување а некои дејствија може да се сметаат за воени злосторства.

„Ја документиравме практиката на украинските воени сили со коишто ги загрозуваат цивилите и ги кршат воените закони кога дејствуваат во населените области. Фактот дека Украинците се бранат и се во одбранбена позиција не ја иззема нивната војска од тоа да мора да ги почитува меѓународното хуманитарно право“, изјави Агнес Каламар, генералната секретарка на Amnesty International.

Меѓу април и јули истражувачите на Amnesty International ги проучувале руските напади во регионот на Харков на истокот на земјата, во Донбас и Николаев, на југоистокот. Тогаш извршиле инспекција на погодените области и разговарале со населението, сведоци, очевидци и роднини на жртвтите.

Од Amnesty International тврдат дека нивниот персонал тогаш собрало докази коишто укажуваат на тоа дека украинските воени сили покренале напади од населени станбени области и дека своите воени бази и позиции ги поставиле во цивилни згради во 10 градови и населени места во споменатите региони.

Повеќето станбени области во кои биле украинските војници се наоѓале со километри од првата линија на судирот, напомнуваат од Amnesty International, истакнувајќи дека било можно да бидат избрани и други опции кои не би ги загрозувале животите на цивилот, како што се воени бази или густи шумски области во близината.

Инспекторите на оваа невладина организација објавија и дека, според нивните сознанија, украинските војници кои ги заземале позициите во станбените области, од цивилите не барале да се евакуираат, како и дека своите огнени позиции ги поставувале во училишта и болници.

Amnesty International ја осудува ваквата украинска воена тактика, но истовремено инсистира на фактот дека таквата тактика „на ниеден начин не ги оправдува руските напади“ во кои страдало цивилното население. Нема информации за цивилните жртви и напади на териториите кои се под контрола на проруските сепаратисти и руските единици.

Amnesty International објави и дека ги контактирале украинското министерство за одбрана во поглед на резултатите од истражувањето од 29-ти јули, но до објавувањето на соопштените за јавноста на 4-ти август не добиле никаков одговор од Киев.