Јакимовски поразен во Карпош – Советниците застанаа на страна на граѓаните и не го изгласаа спорниот ДУП

Советниците на Општина Карпош не го изгласаа спорниот ДУП за Козле за кој незадоволни граѓани испратија писмо до јавноста и го обвинија градоначалникот дека ќе руши фонтани и ќе уништува зеленило.

Против гласаа сите присутни  17 советници, од советничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица и независните советнички, додека советниците од ГРОМ уште пред гласањето  ја напуштија седницата.

Граѓаните од скопската населба Козле се против усвојувањето на овој план, кој се однесува на просторот од детското игралиште во Козле до дирекцијата на Реплек, покрај булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов. Тие се загрижени дека со изградбата на пет згради и планираната сервисна улица ќе се уништи зелениот појас во населебата во кој има дрворед, фонтана и игралиште.

А седницата на советот помина така што уште пред да биде утврден дневниот ред градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски ги повлече предложените точки и ги повика граѓаните да дојдат во општината каде ќе им бидат одговорени сите прашања. По ова, Јакимовски, заедно со службите ја напушти седницата.

Но и покрај тоа, точките што ги повлече Јакимовски, повторно беа предложени од советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои соопштија дека застануваат зад граѓаните и дека ќе гласаат против ДУП-от кој патем е конечна верзија за градска четврт ЈО3 блок 2, план кој досега трипати беше на јавна анкета пред граѓаните.

Со овој предлог ДУП се предвидуваат три нови згради единаесеткатница, седумкатница и шесткатница.

„Се одзема дел од постоечките гаражи кои се приватна сопственост на граѓаните со цел да се удоволи на градежната мафија за да добие фреквентна сервисна улица за да биде во сервис на новите згради. Се уништува зеленило за катна гаража која е предвидена на постоечки паркинг простор, а која е предвидена за да може планот да се нарече развоен“, изјави Адријана Јакимовска Панчевска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Роберт Велјановски, денеска го повика претседателот на Советот од Левица, Бранко Ристов, да ја почитува волјата на народот да ја потпише одлуката и да ја достави до Јакимовски.

„Од денес тече законскиот рок од 3 дена за потпишување на одлуките кои ги донесовме на вчерашната седница. Господинот Ристов, како претседател на Советот на Општина Карпош, има законска обврска да ги достави материјалите до градоначалникот со што ќе се испочитува волјата на избраните претставници на карпошани. Доколку не го направи тоа ќе сметаме дека се работи за намерно саботирање на волјата на избраниците на народот, груба манипулација во насока на поддршка на градежната мафија. Деновиве заедно со загрижените граѓани будно ќе ја следиме ситуацијата се до објавување на сите одлуки усвоени на вчерашната седница на Советот на Општина Карпош во Службен гласник на Општина Карпош.
Господине Ристов, доколку се обидете заедно со г-динот Јакимовски да ја заобиколите волјата на граѓаните да Ве потсетиме дека вчера повеќе од 100 луѓе изразија негодување. Утре ќе бидат 1.000, а задутре ќе бидат 10.000 кои ќе ве спречат во намерите да ја изиграте волјата на карпошани против бетонизацијата на Карпош“, рече Велјановски.