Ако МНР знаеле дека парите не можеле да се вратат во државниот Буџет, зошто тогаш ги барале од Фрчкоски?

Ако навистина имало причина Фрчкоски да не ги врати парите и за тоа знаеле Министерството за надворешни работи и претседателот Стево Пендаровски, зошто МНР на два пати во рок од шест месеци му испраќало инструкции парите да бидат вратени во државниот Буџет, праша денеска Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

– Дали Филип Тосевски, државниот секретар во МНР, не знаел дека Фрчкоски не може да ги врати парите, па му пратил инструкции? Тосевски е прв човек на партиската комисија на СДС за надворешни работи. Дали Тосевски после декември во март не знаел, па потпишал инструкции до јуни Фрчкоски да ги врати парите? И зошто на овие инструкции за парите кај Фрчкоски, потпишан е Тосевски, од позиција државен секретар, кога вакви инструкции се потпишувани од Директорот на директоратот за организациони работи и тоа е еден стандрад во МНР? – праша Стоилковски, кој нагласува дека „работата е многу подлабока отколку што ја прикажуваат“.

Од Кабинетот на Пендаровски вчера одговорија дека наскоро се очекува да се исплатат уште 600.000 долари од продажбата на имотот на СФРЈ во Њујорк, кој ѝ припаднал на Македонија.

– Добро е што МНР и Пендаровски се одважија да одговорат на прашања вредни 4 милиони долари, лошо е што тоа го сторија некоординирано и после 10 дена, а и Димитар Ковачевски не одговори дали и што сѐ му рекол Фрчкоски во септември.
За Пендаровски парите се вратени во Буџет, според она што го објавија медиумите. За МНР, парите не можеле да се вратат затоа што иако легнати на сметка на Мисијата во ОН, не била полната сума од 4 милиони долари, па се чекало тоа да се заврши. Ај што од Пендаровски не ни очекуваме да е целосно информиран, но ако МНР знаеле дека парите, од сосема нелогични причини, не можеле да се вратат во државниот Буџет, зошто тогаш ги барале од Фрчкоски – прашува Стоилковски.